Заев е убеден дека струјата нема да поскапи

Убеден сум дека струјата нема да поскапи. За да се ублажи растот на цената на електричната енергија условена од целосната либерализација на пазарот, од 1 јули, како што соопшти, ДДВ-то за струја ќе се намали од 18 на пет отсто, изјави премиерот Зоран Заев.

– Со оглед дека во крајната цена огромно е учеството на производствената цена и на преносниот систем, убеден сум дека нема да има поскапување на струјата. Владата испрати јасна порака за поддршка на ЕСМ во делот на цената за поддршка на граѓаните преку намалување на ДДВ. Тоа апсолутно ја става ЕСМ во позиција да формулира цена која нема да предизвика поскапување на струјата заради производствена цена на ЕСМ. Но, секако, Регулаторната комисија е таа што носи конечни одлуки, а тие зависат од другите чинители кои учествуваат во составувањето на продажната цена на струјата. Можам да потврдам дека заради ЕСМ и МЕПСО нема да има покачување на цената на струјата. Верувам, барем според нашите експерти –  рече Заев.

Тој не откри со каква цена ќе настапи ЕСМ на тендерот за обезбедување на електрична енергија кој го распишува ЕВН хоум.

– ЕСМ настапи пред Владата и владата донесе одлука, но тоа е строго доверливо зашто настапува на отворен пазар и нуди цена. Кога ќе се случи тоа, тогаш ќе се објави и понудата на ЕСМ пред ЕВН Хоум – рече Заев.

Премиерот информира дека  од 1 јули 2021 до 1 јули 2022 година ДДВ-то ќе биде пет отсто, од 1 јули 2022 до 1 јули 2023 година 10 проценти, додека од 1 јули 2023 година повторно ќе се врати на 18 отсто.