Заев: Економијата расте и се стабилизира на долг рок

Македонската економија расте и се стабилизира на долг рок, бруто домашниот производ (БДП) достигна 3,1 процент во вториот квартал од 2018 година, а во првото полугодие од годинава остварени се 327 милиони евра странски директни инвестициии, што е за 218 отсто повеќе од просекот од последните три години, изјави на прес конференција премиерот Зоран Заев.

Според него, растот на индустриското производство за истиот период од лани е поголем за 8,4 проценти како и зголемувањето на работници во индустријата за 7,2 отсто во истиот период. Намалена е стапката на невработеност на 21,1 процент, што е историско најниско досега. Во првите шест месеци на 2018 година реализирани се 10.000 нови вработувања.

Нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе успееме да ја постигнеме проектираната годишна стапка на раст од 3,2 проценти. Во вториот квартал од 2018 година најголем пораст е забележан во секторите уметност, забава, рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи и оние кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 13,9 отсто, следниот сектор е трговија на големо и на мало, транспорт и складирање… од 12,7 проценти и третиот се стручните и научно-техничките дејности, административни и услужни дејности од 4,5 проценти, истакна Заев.

Според него ваквиот тренд на пораст на БДП се должи на политичката стабилизација која ја постигна Владата, заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес за преговори со ЕУ и спроведување на квалитетни економски политики.

Во првото полугодие во 2018 година е зголемена наплатата на даноци за 8 отсто во споредба со истиот период од минатата година или 66 милиони евра повеќе прилив во Буџетот. Повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината до август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра.  Во јули 2018 година исплатена е за 6,1 процент повисока просечна плата во споредба со истиот период лани. Сите овие постигнати економски резултати покажуваат дека економијата чекори кон вистинскиот пат, додаде Заев.