Заев – Енгел: Силна поддршка од САД за интеграциите на нашата земја

Премиерот, Зоран Заев, се сретна со конгресменот од САД, Елиот Енгел, претседател на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

Од Владата соопштуваат дека на средбата е оценето дека Република Северна Македонија се движи по вистинската патека. Изразени се честитки и поддршка за политиките на добрососедство, реформи и дијалог, формирањето инклузивна Влада и изградбата на општество, еднакво за сите граѓани на државата.

На средбата било оценето дека Република Северна Македонија е добар пример во регионот како се решаваат билатерални прашања, низ храбри политики на искрен дијалог.

Изразена е и силна поддршка за интеграциите во НАТО и било констатирано дека членството на нашата држава во НАТО значи безбедносна заштита, стабилност и сигурност.

Премиерот Заев се заблагодарил за искреното пријателство со САД во целиот период од независноста на нашата држава.

„Со поддршка од нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, се реализира една од двете стратешки цели на Република Северна Македонија, членството во НАТО, што очекуваме дека може да биде заокружено до декември оваа година. НАТО за нас значи безбедност, стабилност и перспективи за граѓаните, шанси за подобар живот на граѓаните и за задржување на младите, во родната земја да ја гледаат својата иднина. Работиме посветено на имплементацијата на реформите во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, безбедносните служби, ефикасноста на институциите, изградбата на Едно општество за сите. И ќе продолжиме да даваме причини, да ја имаме поддршката од нашите меѓународни пријатели, за да го добиеме и очекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, за да можеме до крајот на годината да ги отвориме и пристапните преговори“, рече премиерот Заев.