Со прашањето зошто е поставен знакнот европско знаменце на Предлог-законот за употреба на јазиците што го упати пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ до премиерот Зоран Заев почна денешната седница во Собранието на која првпат новиот владин кабинет одговара на пратенички прашања.
Димовски рече дека законот е неуставен и дискриминаторски и оти впечатокот на јавноста е дека навлегол во односите меѓу сите политички партии, како тема која се искористила и злоупотребила за политички калкулации и правење коалиции. Европското знаменце на законот, потенцира, ја ограничило дискусијата во Собранието и оневозможило амандманска интервенција.
Заев во одговорот наведе дека европското знаменце е поставено врз основа на Европската конвенција за употреба на јазиците.
– Имајќи предвид дека еднаквите права на граѓаните се европски вредности донесени согласно одлуките и декларациите на ЕУ, нешто што исто така е важно на патот за целосна европеизација на Македонија одлучивме да биде составен дел од Националната програма согласно која се става знакчето на ЕУ. Еврокомесарот Хан во својата изјава алудираше дека навистина има поприоритетни работи во делот на распоредот за самата агенда на реформите како што се реформите во правосудството, јавната администрација, тајните служби и слично, но немаше никаква забелешка дали е со европско знаменце или не, рече Заев, оценувајќи дека не е ускратено правото на дебата.
Во коментар на неговиот одговор Илија Димовски рече дека европско знаме на закон може да се стави само кога тој закон содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на ЕУ при што се наведуваат и податоци од изборниот акт на ЕУ со полн назив, број и датум, што не било случај со владиниот предлог.
– Ако тоа го барале граѓаните од вас, тогаш нема потреба да се бега од дебата затоа што ставањето на европското знаменце е само начин како да се ограничи дебатата. Ќе трчаме ли по потребите и интересите на политичките партии или по потребите и интересите на нашите граѓани? Тоа е клучното прашање, наведе Димовски.
Заев, пак, дообјаснувајќи го одговорт, потенцираше дека апсолутно останува на ставот на Владата дека на транспарентен начин сакаат да овозможат права на граѓаните согласно Устав коишто, посочи, практично им се потребни.
– На крајот стои Венецијанската комисија тоа што може да го каже, амандмани се исто така доставени и апсолутно сум свесен дека треба да одиме напред во нашето растоварување од предрасудите дали одредени права на помалкубројните етнички заедници треба да ги дадеме или не. Верувам дека ако се растовариме како општество ќе можеме да се посветиме на работи кои се важни и еднакви за сите, рече Заев.