Заев ги „брка“ Села и Касами, Река против трговија со гласови

На три дена пред одлучувачкото гласање в недела претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев во обид да ја обезбеди поддршката и на симпатизерите на Алијанса за Албанците и БЕСА во полза на неговиот кандидат Стево Пендаровски. Алијансата и БЕСА на овие избори застанаа зад независниот кандидат, Блерим Река.

Попладнево во Скопје Заев се сретнал со лидерите на двете партии Зијадин Села и Билал Касами и од нив побарал да го поддржат Пендаровски и да го повикаат нивното членство на 5-ти мај да го дадат гласот за кандидатот на владејачката коалиција.

Алијанса за Албанците одлуката ќе ја носи попладнево во Тетово. На состанокот на највисокото партиско раководство ќе се одлучува дали и за кого ќе ги повикаат своите поддржувачи да го дадат гласот во вториот круг од претседателските избори.

Река: Јас не сум трговец со гласови, нема да ве убедувам за кого да гласате

По информацијата за средбата меѓу Заев и двајцата лидери, на Фејсбук се огласи и Река повторувајќи го својот став дека тој е против било каква трговија со гласови.

„Почитувајќи ги вашите гласови, уште еднаш ќе повторам: тие се само ваши гласови. Тоа е ваше свето право и на вас е да одлучите за кого ќе гласате на вториот круг. Ќе го повторам истото што го реков на почетокот на мојата председателска кампања: јас, не сум трговец со вашите гласови и нема да ве убедувам за кого ќе гласате оваа недела. Трговијата со вашите гласови е спротивно со мојот концепт за Републиката, особено со нејзиниот главен столб владеење на правото. Зашто тогаш се потребни избори, ако како досега во вториот круг за вашите гласови одлучуваат партијските лидери како обични трговци со гласовите на народот?“, напиша Река на својот Фејсбук профил.

Тој сепак повика на масовна излезност в недела со цел, како што вели, да се спаси евроатлантскиот процес. Река во првиот круг од изборите освои близу 80 илјади гласови.

Гласовите на Река ги очекува и Сиљановска Давкова

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски очекува оние што гласаа во првиот круг за Река сега да го дадат гласот за кандидатката на опозицијата, Гордана Сиљановска Давкова. Николоски вели Река и професорката Сиљановска Давкова нудеа слични концепти за правда во Македонија и поддржувачите во Река може да се пронајдат во нејзината програма.

„Најголем дел од нив знам дека се гладни за правда, затоа што и тој зборуваше за правда како што зборуваше и професорката Сиљановска, а сите знам дека сакаат оваа влада да падне, затоа што гласаа за кандидат којшто беше предложен од опозицијата и затоа сметам дека професорката Сиљановска е соодветно решение за гласање во вториот круг и ги повикувам да ја разгледаат нејзината програма, да ја прочитаат и да видат дека заедничката желба за правда ја има кај сите оние којшто гласаа и за неа и за Река, а мотивот да падне оваа власт е навистина голем затоа што промени се потребни во Македонија“, вели Николоски.