Заев ги прифатил барањата на Села – ќе се менува Преамбулата

Од Преамбулата на Уставот ќе се отстранува терминот „граѓаните коишто живеат во границите на земјава, а се дел од албанскиот народ, турскиот народ итн.“, за да не се остави впечаток дека граѓаните Албанци, Турци, Власи и останатите кои живеат во Македонија се тука привремено, потврди премиерот Зоран Заев по средбата со претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Средбата се оствари во пресрет на утрешната пленарна седница, на која на дневен ред ќе се најде третата фаза од уставните измени, односно конечната промена на Уставот. На власта и е повторно потребно двотретинско мнозинство, а Села претходно најави дека тројцата пратеници од неговата партија нема да ги поддржат одредбите од Договорот од Преспа доколку не се прифатат нивните амандмани, кои се однесуваат на статусот на Албанците во Македонија. По се изгледа, Алијансата ќе ги поддржи уставните измени, бидејќи бил прифатен уште еден амандман на опозициската партија, изјави вечерва премиерот Заев.

Исказот „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и граѓаните кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ итн.“ се менува и ќе гласи „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ итн.“, додаде премиерот Заев, кој истакна дека оваа измена, односно бришењето на терминот „граѓани“, кој двапати се повторува во реченицата, е прифатена со цел поголема еднаквост на граѓаните во Македонија.

Останува да се види дали уставните измени ќе добијат зелено светло и од партијата на Биљал Касами – Беса, која е застапувана од два пратеника, чии услови за поддршка на Договорот од Преспа се уште не се прифатени.