Вчерашната јавноста беше информирана за наодот на инспекторите дека човечки органи, инекции и друг вид медицински отпадоци се преработувал во кругот на поранешно МЗТ и како обичен отпад се депонирал во Дрисла, како и вознемирувачките видео снимки од начинот на кој се третирал отпадот, односно улични кучиња јаделе од него, а отпадната вода ја испуштале во атмосферска канализација која се влева во Вардар. При што фирмата Еко клуб беше посочена дека отпадот го носела од Битола во Скопје.
Наместо термички да биде обработен и стерилизиран, се случувало медицинскиот отпад да завршува во Дрисла како обичен отпад. Сето ова е е пријавено до Јавното обвинителство.
Сепак, приказната доби второ продолжение, но сега политичко, при што прв се огласи лидерот на СДСМ Зоран Заев кој преку Фејсбук ја прозва опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе собере ли ВМРО-ДПМНЕ храброст да го избере здравјето на луѓето пред својата страст за лично богатење? Многу вознемируваат информациите и фотографиите за несоодветното третирање на медицинскиот отпад. Како граѓанин на оваа држава, како родител и како одговорен политичар не можам да поверувам дека човечки органи и медицински материјали се третирале аматерски со потенцијална опасност заразите да се пренесат врз луѓето, напиша денеска на својот Фејсбук профил претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Подвигот на градскиот инспектор да упадне во „Еко клуб“, да направи фотографии и да ја фати на дело фирмата која опасниот отпад го третирала несоодветно, според Заев, треба да преставува мотив за надлежните институции за што побрзо решавање на случајот.
„Јас и моите соработници нема да дозволиме некој да профитира врз здравјето на нашите сограѓани. Заврши времето кога никој не водеше сметка за екологијата и здравјето и кога се замижуваше пред вакви скандали. Овој случај на тест го става пред сѐ Јавното обвинителство кое треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние кои медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња скитници. Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата која го расфрлала медицинскиот отпад. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните“, напиша Заев на Фејсбук.
На ваквите обвинувања и пренасочување на вината на политичкиот конкурент возврати генралниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој јавно го праша Заев како се грижи за здравјето на граѓаните, посебно во неговите фирми.
„Заев вели дека е загрижен за здравјето на граѓаните, а од 9, дури 5 компании кои користат нафтен кокс се оние на Заеви.
Заев бил загрижен за здравјето на граѓаните, па згора на тоа го обвинува ВМРО-ДПМНЕ, а тој три години е апсолутна власт во државата и донесе хибриден режим“, напиша Јанушев на својот Фејсбук профил.
Јанушев на оваа тема јавно го повикува лидерот на СДСМ да ги прокоментира следните податоци:
„Зошто крие дека директно Заеви ја трујат Македонија? Од 9 компании во земјава кои користат нафтен кокс, дури 5 се фирмите на Заеви (неговите циглани)?
Кога последен пат државните институции вршеле контрола за присуство на нафтен кокс? Моите информации велат ниту еднаш.
Зошто се дозволи 40 илјади тони нафтен кокс да се увезе за еден месец, во февруари минатата година? Тоа значи дека се увезле две илјади шлепери во еден месец. Тој нафтен кокс со печатот на Заев е вдишуван од граѓаните.
И на крај зошто институциите на Заев молчат за труењето на граѓаните и кога последен пат било извршено мерење на загадувањето на Охис, Цементара и другите фирми?“
На крајот на статусот констатира:
„Заев и Спасовски премиери, Шилегов градоначалник, a ВМРО-ДПМНЕ било криво за отпадот. Кого лаже Заев“?
Во продолжение дава неколку фотографии на темата …