Заев го напушти оптимизмот за брзо надминувње на спорот за името

Премиерот Зоран Заев во текот на задничката прес-конференција со солунскиот градоначланик Јанис Бутарис во четвртокот наспроти оптимизмот изразен претходниот период, не сакаше да прецизира дали спорот за уставното име на Република Македонија ќе биде решено во текот на следната 2018 година, бидејќи како што рече разговорите се на самиот почеток.

„Владата уште од првиот момент го подготвува теренот за наоѓање решение преку градење на пријателство со сите наши соседи, вклучувајќи ја и Грција. Постои пријaтелска атмосфера и позитивен момент, но уште нема никакви детали за почеток на какви и да се развојни моменти што би довеле до решение. Досега сме на она ниво што значи позитивни услови од двете страни. Се надевам во вистинскиот момент, онака како што личи, под посредништво на Метју Нимиц ќе се одвиваат работите, но не кон одложување на решението или блокирање, туку кон наоѓање решение“, рече Заев.

Во однос на одложувањето на средбата на преговарачките тимови со Метју Нимиц, Заев рече дека не станува збор за нова пречка, туку проектираниот датум бил само желба, но поради обврски на двете страни, таа е одложена. Тој не сакаше да открива повеќе детали, бидејќи иницијатор на средбата е посредникот претставникот на ОН.

Запрашан дали актуелната македонска влада останува на ставот за името да се оди на референдум, Заев одговори дека тоа прашање ќе се решава заедно со опозицијата, Собранието, Претседателот на државата, македонските институции и, „секако ќе се бара мислење од граѓаните“.

Солунскиот градоначалник истакна дека денешнава куртоазна посета е продолжение на средбата што ја имал со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во Солун. Тој истакна дека разговарале за зголемување на соработката на локално ниво. Прашан како таа соработка може да помогне во решавањето на спорот за името, Бутарис истакна дека најдобро е да се почне со решавање на работите од дното кон врвот.

Бутарис го поканил македонскиот премиер Заев да дојде во приватна посета на Солун и заедно да ги прослават новогодишните празници. Македонскиот премиер се заблагодари за поканата и рече дека сериозно ќе размисли Новата година да ја пречека со солунскиот градоначалник и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.