Заев: Грција и Бугарија се изборија за Македонија и Албанија

Имајќи предвид дека во Мај 2019 се изборите за Европскиот Парламент, одлуката на Европската Унија е комплетна и целосно согласно нашите очекувања. Ние сме среќни и секако дополнително мотивирани, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање на тридневниот семинар РОС-РОТ посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан, кој се одржува во Собранието на Република Македонија.

Сакам да им честитам и на делегацијата на Албанија кои што исто така добија датум заедно со Македонија.  Дозволете да се заблагодарам на сите земји членки на ЕУ за оваа мотивирачка одлука за РМ. Посебно ми е драго што нашите два соседи, Република Бугарија и Република Грција водеа плодна дискусија и се изборија за посакувана одлука за Македонија и за Албанија, и сме среќни и благодарни за тоа – порача тој.

Потребата да се решаваат несогласувањата од минатото, порача тој, не завршува на границите на нашата држава.

Потпишавме договор за добрососедски односи со Бугарија, ставајќи крај на цела декада на штетни политички ставови на двете страни. Оттогаш, трговијата е само показател за унапредувањето на соработката помеѓу нашите две земји. Таа е зголемена за 11,5% и ние имаме, повторно, вистински пријател, сојузник и сосед. Пред десет месеци, ветивме дека ќе дадеме сè од себе да постигнеме договор со Грција околу спорот којшто траеше повеќе од 25 години. Со чекорите коишто ги предвидовме во договорот потпишан од министерот Димитров и министерот Коѕијас, ќе создадеме нови услови за соработка и трговија помеѓу нашите две земји. За Македонија, тоа значи и покана за НАТО како полноправна, 30-та членка и признание за нашите минати, сегашни и идни напори како стабилизирачки фактор во регионот и подалеку – рече премиерот.

Како што додаде Заев, Владата има заземено непоколеблив став Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ што поскоро.

Впрочем, ова е општ политички консензус на сите политички фактори, во овој парламент во Република Македонија. Почетокот на преговорите е огромен напредок за нас, како земја која што имаше и внатрешна криза и надворешна политичка препрека не толку одамна. Покажавме дека кога се сака, се може, а кога се може, зошто и да не се случи? Почетокот на преговори е огромен успех и за идејата на обединета Европа. Преку нашето искуство, заложба и ентузијазам, покажавме дека идејата за обединета Европа се уште живее и вреди да се работи за неа – истакна Заев.