Заев и Ахмети во обид да го договарат консензуалниот кандидат

ремиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во Собранието каде е закажана седница за пратенички прашања ќе разговараат за утврдување на заеднички кандидат за претстојните претседателски избори.

Заев вчера пред координацискиот состанок на партијата изјави дека не се многу далеку од изборот на заеднички кандидат со политичките партии со кои разговараат за тоа, вклучувајќи го и коалицискиот партнер во Владата, ДУИ.

-Во текот на постапката за селектирање на заеднички кандидат вечерва ќе имаме и доста телефонски контакти и други видови на разговори со нашите секретари коишто се во комуникaција  со органите на политички партии со коишто разговараме за да видиме дали има евентуално исчекор  или можност да се дојде до заеднички кандидат. Информациите ми се позитивни, не сме многу далеку. Верувам дека имињата ќе бидат конечната причина за изнаоѓање на заеднички кандидат, рече Заев.

Потврди дека денеска ќе се сретне со лидерот на ДУИ Ахмети и оти првпат ќе има информации за ставовите за најголемиот партнер во коалицијата.

Верувам дека тие веќе разговарале и имаат свои гледишта.Сигурно ако разговарале во функција на заеднички кандидат, имаат имиња, имаат свои анализи. Ние споделивме наши анализи, а тие имаат свои анализи. Утре додека траат пратеничките прашања, ние ќе ја оствариме самата средба на која ќе имаме подетални информации за тоа да ли е возможно СДСМ и ДУИ, а секако и сите други политички субјекти со кои разговаравме, да дојдеме до едно заедничко име за кандидат за претседател  на РСМ, појасни Заев.

Во врска со случувањата во Собранието од координацијата ќе произлезе дали за тоа ќе разговараат и на средбата со Ахмети притоа оставајќи ги сите опции отворени во врска со понатамошното коалицирање.

Коалицијата не е создадена за еден ден. Таа има свои стратешки орпеделби и заедничка програма на Владата. Ќе сакаме да ги слушнеме и аргументите од нашите партнери за да можеме на крајот да носиме заклучоци за ваквите прашања. Да им дадеме шанса на аргументите, да разговараме заедно сите како што и им личи на демократските партии, рече лидерот на СДСМ.

За тоа како ја коментира изјавата на потпретседателот на партијата Мухамед Зекири дека имаат 61 пратеник без ДУИ, Заев не се согласи со тоа, појаснувајќи дека заедно со коалицијата имаат 68 пратеници, а без ДУИ 58. Остави простор да се слушнат аргументите на сите пратеници, вклучувајќи го и Зекири, но и од ДУИ, за да можат на крајот да донесат заклучок.

Ахмети, пак, вчера по средбата во скопското седиште на партија со шефот на албанската дипломатија Гент Цакај, изрази уверување дека со владиниот коалициски партнер ќе најдат решение за консензуален претседателски кандидат.

Рече и дека нема проблеми во функционирањето на владеачката коалиција, коментирајќи ја при тоа изјавата на потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири дека е можна влада без ДУИ.

Ве уверувам дека нема преписки меѓу коалициските партнери. Можно е да постојат разлики за одредени прашања што не го загрозуваат интегритетот или моралот на ДУИ или СДСМ. Земјата има потреба за повеќе мир, комуникација и соработка помеѓу политичките сили на власт и опозицијата. Ниту опозицијата не може да се исклучи од овие важни процеси. Доколку може да има влада без ДУИ би рекол дека се прави голема грешка, но тоа може да биде изјава на член или на функционер на СДСМ кој нема одговорност за големата историска мисија што ја има Република Македонија. Јас во оваа ситуација имам одговорност пред граѓаните на Македонија било да се Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Власи и во оваа ситуација не се служам со политичка емоција за дневна политика, за рејтинг итн. Јас сум за национална политика, која е корисна за сите граѓани, рече Ахмети.

Во Собранието денеска попладне Заев ќе има средба и со претседателот на Демократската партија на Турците Бејџан Илјас, а тема ќе бидат следните претседателски избори.