Заев и бугарскиот амбасадор: Продолжува соработката за имплементирање на Договорот за добрососедство

Премиерот Зоран Заевсе сретна со амбасадорот на Бугарија во Република Македонија, Ангел Ангелов, кој му ја пренесе официјалната честитка по повод изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа во насока на обезбедување стабилност и економски просперитет на граѓаните на двете земји.

Како што соооштија од Владината прес-служба, Заев во разговорот со амбасадорот истакнал дека Владата во наредниот четиригодишен мандат останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема заложбата за исполнување на нашите обврски од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.

Премиерот Заев и амбасадорот Ангелов се согласиле дека со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се поставени одлични темели за понатамошна соработка меѓу двете земји.

Соговорниците истакнале дека двете земји продолжуваат да ги остваруваат придобивките од заедничкото претседателство на Берлинскиот процес за Западен Балкан во насока на олеснување и промовирање на конкретните чекори кон регионален економски развој, а со цел надминување на економско-здравствената криза предизвикана од Ковид-19, како и соработка во останатите области.

Заев и амбасадорот Ангелов се согласиле дека Македонија и Бугарија продолжуваат со силната посветеност на зајакнување на соработката меѓу двете земји, која ќе продолжи да се развива во позитивна насока и со голема волја за решавање на сите предизвици.