Заев и Бутарис не разговарале за надворешна политика

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, по средбата во четвртокот со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис најпрво изрази сочуство и жалење до семејствата на загинатите во поплавите кои зафатија делови од Грција.

На средбата било разговарано за прашања од непосреден и заеднички интерес, остварување на заедничките цели и интензивирање на комуникациите меѓу двете соседни земји.

Заев истакна дека прекуграничната соработка, отворањето можности за соработка во туризмот, културата и локалните политики се од голема важност за граѓаните на Македонија и Грција бидејќи директно влијаат на квалитетот на животот. Тој исто така посочи дека Владата ќе поддржи сите проекти од идните договори за конкретна соработка.

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис посочи дека на средбата не се опфатени прашања од надворешната политика, туку е дискутирано за соработката меѓу претставниците на локалните власти која е важна за понатамошна соработка меѓу луѓето и земјите.

Бутарис изјави дека го информирал премиерот Заев за прашањата кои биле дискутирани со министерот Димитров во Солун. Почнувајќи од каналот Вардар-Дунав кој е особено важен за двете земји и културните, еколошките и социолошките настани кои треба да почнат да случуваат помеѓу градовите.