Заев и Ципрас конечно телефонски разговарале

Премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска телефонски разговарале еден час, објавија грчки медиуми.

Според пишувањата, Заев и Ципрас се слушнале во 15 часот (по грчко време) и разговарале околу еден час.

Детали од комуникацијата не се познати засега. Единствено се дознава дека разговорот поминал во позитивна атмосфера. Наводно, договорено е утре наутро двајцата премиери да се слушнат повторно за да ги продолжат разговорите.

Претходно денеска, премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека многу брзо ќе биде постигнато решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција и оти тоа би можело да се случи пред Самитот на ЕУ закажан за 28 и 29 јуни.

Потенцира дека е битно да се постигне квалитетно решение кое што ќе биде правно поткрепено, достоинствено и ќе го зачува идентитетот, поради тоа што понатаму тоа решение треба да има и позитивен одѕив кај граѓаните на земјава кои за него треба да на крај да се изјаснат на референдум.

За името кое што ќе биде постингато како можно решение не сакаше да шпекулира ниту сакаше да одговори на новинарско прашање дали Република Северна Македонија како најчесто споменувано во грчките медиуми е можната прифатлива опција.

Грчките медиуми пишуваат дека Заев в среда ќе се сретне со германската канцеларка Меркел за да ја информира за договорот за спорот за името. Заев денеска кажа дека на средбите со високи германски претставници нема да се разговара за тоа. Тој рече дека спорот се решава на ниво на билатерална комуникација меѓу Грција и Македонија, а дека поддршката што ја даваат ЕУ, САД и сите меѓународни чинители е мошне важна во целиот процес.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.