Заев и Филипче се обидоа да ги корумпираат кинеските власти кои стрелаат за корупција

„Не слушај што зборува, туку гледај што прави“ е народната поговорка која може во секое време да му се прикачи на Зоран Заев и на еден од најекспонираните негови министри, Венко Филипче. Многу убави зборови, кои потоа мора да се оправдуваат, затоа што кажаното не соодветствува на направеното во реалноста.

Дури веќе не треба да се трошат зборови за неспособноста за набавка на вакцини за справување со корона вирусот. Станавме држава за потсмев, не само во регионот, туку и во Европа, споредбено и со светот.

Желбата да се стигне, или да се биде со Западот, колку е голема толку станува и далечна поради неумешноста, наивноста и желбата да се ќари нешто повеќе во текот на владеењето, а потоа што ќе даде Господ.

Покрај тоа што ја откри аферата за набавка на вакцини, италијанската Ла Верита точно ја посочи неумешната политика со западните сојузници, а уште полошата со источните сили. Мислејќи дека кинеските комунистички власти се слични на оние нашите, проба да им протне корупција на мала врата, заборавајќи дека во Кина се страдаат луѓе за покажана алчност.

„Во последната година, земјите од најблиското соседство на ЕУ, кои се зависни од неа, често со статус – кандидати за членство, уште еднаш останаа комплетно разочарани од Брисел. ЕУ, којашто веќе со децении само ги следи случувањата наместо да доминира, го покажа целото свое незнаење со менаџирањето со Ковид-кризата, колку дома, толку и во Западниот Балкан – чија социјална стабилност може да влијае директно врз политичката стабилност на стариот континент. Забраната на владите во ЕУ за извоз на медицински материјал на почетокот на пандемијата, а понатаму и забраната за набавување вакцини по пат на преференција, докажува колку малку имаат научено од историјата нашите политички елити“, се вели во текстот на Ла Верита.

Затоа, сакале или не, и Западот и Истокот за главен играч во регионот ја прифаќаат Србија и Александар Вучиќ, кој, пак, тоа го покажа на елоквентен начин подарувајќи им вакцини на соседите кои самите не можеа да си ги обезбедат.

Италијанскиот весник, иако некој ќе рече дека е наклонет кон опозицијата, конкретно без домашни есапи, како што се прави кај нас, му ги кажува неспособноста, незнаењето и политичката наивност.

„Но, кулминацијата со лошото менаџирање и набавувањето на вакцините се случи уште еднаш во Македонија каде владата предводена од Зоран Заев е подготвена дури и на сметка на здравјето на граѓаните да се бори за својот спас. Во едно телевизиско интервју во јануари, Зоран Заев ги информираше Македонците дека никогаш не би побарал помош од Кина и Русија бидејќи земјата, по влезот во НАТО, треба да се потпре на своите западни сојузници“, наведуваат од Ла Верита.

Понатаму се објаснува обидот на Филипче и Заев да набават вакцини од Кина преку фантомска фирма од Хонгконг „Starbi International“. Оваа компанија има само тројца вработени, без фармацевтско порфолиo и е регистрирана во Самоа, островска држава во Тихиот Океан каде не се плаќаат даноци за трансакции. Потоа компанијата била регистрирана и во Хонгконг.

На интернет страницата која посредува за офшор компании и меѓународни бизниси се наведува дека Самоа обезбедува поволен даночен систем особено за меѓународните бизниси.

Сепак, „Ла Верита“ доаѓа до две писма од министерот за здравство Венко Филипче, коишто уште еднаш го демаскираат македонскиот премиер.

„Првото писмо докажува дека министерот Филипче испратил барање до кинескиот „Синофарм“ дури на 25 декември 2020, додека уште едно второ писмо од 25 јануари, годинава, вели дека министерот дури и би ја ослободил Кина од било какви негативни ефекти од вакцината. Ова го потврдува притисокот на балканската влада за финализирање на договорот. Заев призна, подоцна, дека се обратил до Пекинг, но на крајот на февруари, годинава, комунистичкиот Пекинг му го вратил авансот“, посочуваат од Ла Верита и се потенцира дека има вмешано уште една компанија на која не го објавуваат името.

Откако аферата беше обелоденета и македонските медиуми почнаа да ја експонираат во јавноста се огласија и Заев и Филипче со образложение дека сакале да набават вакцини преку „врски“. Но, им било укажано од кинеските власти дека тоа не може да го направат преку посочената фирма, туку ќе мора директно да комуницираат со Синофарм. И пред очигледната намера за заткулисна набавка, Заев и Филипче рекоа „пу пу неважи“. За да бидат „големи“ и кога се фатени во афера, едноставно рекоа дека нема штета, авансот од 200.000 евра и биле вратени.

Тогаш, зошто ги одбија понудите на поединци кои имаат добри приватни врски или стопанските комори кои се понудија? Едно е да не покажат слабост оти се неспособни, бидејќи и така власта им е на стаклени нозе, а другото е да не им се замешаат во бизнис-провизиите.

Има еден момент од писмата на Филипче до Синофарм кој е запрепастувачки и покажува колку навести се грижат за здравјето на граѓаните. И не само тоа, туку и се коси со многу меѓународните конвенции и е прекршување кршење на основната институционална мисија за заштита на здравјето.

Во писмото на Филипче испратено на 25 јануари до „Синофарм“ се вели дека ја ослободува компанијата, односно Кина, од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.

„Веќе е јасно дека лани во декември Кина добила барања, речиси во исто време, и од Македонија и од Црна Гора. Фактот што само вториве успеале да добијат вакцини, ни кажува дека со Скопје и комунистичкиот режим во Пекинг има мака да најде модалитет за соработка, со цел да биде заштитен од евентуални критики поврзани со менаџирањето на т.н. здравствена дипломатија“, пишува на „Ла Верита“.

Бидејќи не можеа да се одбранат од она што сакале да го направат, посегнаа по „пријателот“ од соседството за да и каже на македонската јавност колку политичари имаат бугарски пасоши, за по неколку часа да се предомисли и да каже дека не мислел точно на тие лица.

Тешко на Заев ако запад го бара преку Каракачанов и нему сличните. Алчноста по пари за сметка на здравјето на граѓаните нема да се заборави, Антикорупциска има што да работи.