Заев и Касами ќе се сретнат уште еднаш до вторник за барањата на БЕСА

Премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата БЕСА, Билал Касами, како што беше претходно најавено доцна попладнето во петокот се  сретнаа од Владата, и како што соопштија од владиниот кабинет двајцата разговарале за барањата на Беса и во позитивна и пријателска атмосфера, при што се разговарало за причините и за содржината на самите барања.

„На средбата е договорено да се одржи уште еден состанок најдоцна до вторник, на работна група составена од претставник од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон и претставници од раководството и пратениците од Беса на Касами, за да се разгледаат детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции”, наведуваат од владината прес служба од каде што најавуваат дека деталите од тој состанок ќе и бидат соопштени на јавноста по одржувањето.

Собраниската седница која треба да заврши со гласање во последната фаза од уставните измени поврзани со Договорот од Преспа е закажана за 9-ти јануари.

Заев во четвртокот изјави дека ќе стори сè да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани и најави дека покрај со Касами, ќе се сретне и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

Гласовите на БЕСА на Касами и на Алијансата за Албанците се неопходни за да го има потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласа. Тие гласаа во првата фаза за потребата од промена на Уставот, но нивните гласови се доведоа во прашање откако не поминаа дел од нивните амандмани на уставниот закон.

БЕСА и Алијансата за Албанците имаа слични амандмани во кои бараат зборот македонско во делот за државјанството да се замени со зборот граѓани и место „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија” да стои само граѓанин на Република Северна Македонија.