Заев и одговори на Захариева и што очекува од Бугарија

Македонскиот премиер Зоран Заев не се согласува со тврдењето на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која кажа дека не е во ред да се добиваат избори на антибугарска политика.

Тој вели дека имале пријателски наратив.  Заев рече дека во духот на конструктивноста секогаш комуницираат со внимателен и достоинствен дипломатски наратив и секогаш го бранат достоинството на нашиот народ.

„Можам да кажам само дека со пријателски наратив, со подадена рака, со политики кои и за време на кампањи и избори биле за градење на пријателство со сите соседи и со Бугарија, добивавме избори. И еве потврдивме добивање избори на 15 јули 2020 и тоа е какви сме ние. Очекувам соседите да бидат пријатели, од нас можат да очекуваат само пријателство, подадена рака, ние сме градители на пријателство регионот и немаме ниту лоши мисли ниту лоши намери кон никој од соседите, така и кон пријателска Бугарија. Верувам дека во иднина ќе правиме заеднички напори да постигнуваме договори, да градиме пакти, акциски планови, сериозни инвестициски програми, економско и какво било поврзување итн“, рече Заев.