Заев и Рама: Националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако до есен нема датум за почеток на преговорите

Националистичките сили ќе зајакнат на Балканот ако Албанија и Северна Македонија до есен не добијат зелено светло да ги почнат преговорите за приближување со ЕУ.
Ова го изјавиле премиерите на двете земји, Еди Рама и Зоран Заев, за „Фајненшл тајмс“ (ФТ) на маргините на форумот во Лондон што британскиот весник го организираше за Западен Балкан.
Како што наведува ФТ, во објавениот текст, премиерите го дале ова предупредување откако европските министри за надворешни работи ја одложија одлуката за отворање на преговорите со двете земји до октомври. Воедно, се додава дека двете земји покренале далекусежни реформи за да ги исполнат стандардите на ЕУ, но поради противењето на Франција и Холандија на вчерашниот состанок, не бил одобрен официјален почеток на преговорите за членство и покрај препораката на Европската комисија.