Заев и Русковска херои на правдата?! Невешт спин во случајот „Рекет“

Зоран Заев, прв пријавил за случајот „Рекет“. Така барем тврди обвинителката Вилма Русковска. Докази за ова досега не видовме. А, како се движат работиве, нема ни да видиме. Само тоа што Заев сам си се пофали пред новинарите дека прв пријавил, а потоа за неговата фалба да биде веродостојна, потврдна изјава стигна и од Русковска. За пријавување кривично дело во оваа, каква-таква, наша Македонија, предвидена е и процедура. Дали е испочитувана? Незнам.

Ама, не е поентата тоа. Нешто сосем друго е.

Заев треба да биде претставен како главен херој во случајот „Рекет“. Како? Епа, тој го открил прв, го пријавил прв. И како „докажан борец за правда“, веднаш ја алармирал Русковска, која пак итно засукала ракави и се фатила за работа, нормално согласно законските можности на нејзината функција. Додуша поминале неколку месеци од пријавата, додека јавноста ги виде првите резултати од нејзината работа. Ама, па правдата е спора. Заев незнаел воопшто за случајот, а кога дознал веднаш ги алармирал надлежните. Со тоа нашиот ни премиер, е дистанциран од овој криминалот. Ама, дали навистина е така? Незнам.

И сега во овој нивни филм, со спинувани, поточно извртени чинови во драмата, тие треба да се хероите. Катица Јанева, поеќе не е. Од главен симбол за прадвата, стана спротивното. И експресно стигна одлука дека СЈО е непотребно. Сега требало тоа да се интегрира во Основното јавно обвинителство. Она што уште пред неколку месеци го предлагаше лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ама тогаш, предлогот на Мицкоски не беше прифатлив. Заев, и како навиени сите останати СДСМ-овци, тврдеа оти лидерот на ВМРО ДПМНЕ само изведува бесни глисти, за да ја закочи Македонија на патот кон ЕУ. Види мајката. А, сега излезе дека Заев ја кочи Македонија со својот предлог за СЈО.

Но, да се вратиме на спинуваната драма „Рекет“. Како засега стојат работите, од мечот на правдата ќе настрадаат само Боки 13 и Кичеец. Тие засега се единствени опфатени во случајот на Рускоска. Единствени осомничени и притворени во „Шутка“. Други нема. Катица Јанева не е. Само телефон и’ бил одземен. Ќе го вештачеле. Другиот телефон го немало. Чудно. Го немало. Исчезнал. Ама, таа не е осомничена. Нејзиниот телефон е!

Кики и Фрики, нити некој ги познава, ниту некој знае кои се. Само новинарот Бранко Героски. Нивниот кум, тој ги крсти. Само тој може, ако сака, јавно да ги каже. Не верувам дека дури и да ги каже Героски јавно, дека правдата, со оваа гарнитура на власт, ќе ги стигне. Тие се функционери во СДСМ. Други инволвирани партиски членови се градоначалниците, во чии општини биле прифатени социјалните проектите на „ботокосираниот“ од приказните на Героски. Ама и градоначалничката, која не ги прифатила. И таа во најмала рака може да биде повикана како сведок. Сигурно има нешто корисно и интересно за истрагата да каже.

Да не се лажеме. Сето тоа се партиски луѓе на СДСМ и во спинуваната драма, нема место за нив. Тие ќе исчезнат од приказната. Ќе ги нема. Тоа што се случило, не се случило. Нешто слично како случајот со популарната видео снимка „едно евро“.

Ама Боки 13 и Зоки Кичеец, не се државни функционери, ниту се партиски функционери. Тие двајца, како што засега изгледаат работиве, ќе бидат пуштени низ вода. Цел товар ќе биде фрлен врз нивните плеќи. Дури и да почнат да зборуваат, кој се’ со нив бил во игра, попусто ќе биде.

Исчезнаа сите партиски луѓе на СДСМ, кои до скоро постојано објавуваат фотки со Боки, или тој со нив. Кои му беа дел од шемите со невладините. Како Худини, ги снема и Оливер Спасовски и Стефан Богоев. Фросина Ременски е „службено“ отсутна. Во Америките е, а плус и мораше да го продолжи својот престој таму. За неа „нема одмора, док траје обнова“. Нешто не и’ се враќа во Македонија, засега, по се’ изгледа. Ја нема ниту Мила Царовска. Додуша неа ја снема по објавениот милион и пол, ама кога дојде случајот на Боки 13, ептен па ја снема. Во земја е пропаднат и доскорешниот ГенСек на СДС-то, Александар Кирацовски. И она, што го викаат портпарол во СДС-то, и тоа го нема да излезе пред зградата на ВМРО ДПМНЕ, да даде изјава, се разбира со песната „Слушам кај шумат шумите“ во позадина, и да каже дека опозицијата е виновна за се’, и сегашната нејзина раководна ганритура, ама и поранешната.

Мочлешкум, итро, полека, сите се сокрија.

Е, затоа Заев и Русковска се спинуваат во „херои“ и борци за правдата. Зоки и Боки – Че го јадат. Сите други СДСМ-овци, се исфрлени од филмот и со тоа спасени. Тука се затвора кругот.

Ама, дали навистина ќе биде така, ќе видиме.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.