Заев и СДСМ пред одлука: Дали да се оди на избори или не?

Откако премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев се врати од зимување во Социјлдемократскиот сојуз се во исчекување на седници на највисоките партиски органи на кои една од главните теми ќе биде барањето за предвремени парламентарни избори.

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ треба да одлучат дали ќе се прифати предизвикот од ВМРО ДПМНЕ да се измерат сили во ист термин со изборите за претседател напролет. Вицепремиерката и заменик претседател на СДСМ, Радмила Шекеринска вели дека очекуваа сериозни разговори внатре во партијата, но и во владејачката коалиција околу прашањето за предвремени избори. Дали таа е за одржување на вонредни избори вели својот став прво ќе го каже во партијата.

„Јас како човек кој има позиција во Владата, но и како човек со позиција во СДСМ сакам прво да им ги соопштам своите ставови на своите колеги, а потоа во медиумите. Сега целиот фокус е на она што го најавувавме и на почетокот на нашиот мандат, следните неколку недели да го реализираме тоа што го најавуваме и со тоа верувам дека на вистински начин ќе заслужиме поддршка на кои било избори, не да зборуваме за следното, туку да го испорачаме тоа што сме го кажувале и вчера и завчера и изминатата година “,

Во СДСМ, според информации од Бихачка, мнозинството се да се оди на избори. Со таков став излезе и министерката за правда, Рената Дескоска која вели лично смета дека треба да се излезе на избори. Во меѓувреме од ВМРО ДПМНЕ и денеска побараа итно распуштање на парламентот и техничка Влада.

„Разбирливо е стравот кој што го има кај нив и бегањето, односно обидот да се избега од  предвремени избори барем засега. Да почекаме да видиме, се надеваме на позитивен одговор во секој случај, бидејќи сметаме дека народот јасно и гласно ќе ја изрази својата волја како што ја изрази на 30-ти септември и како што ја изразува во целиот овој период“, вели генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Во ВМРО ДПМНЕ веќе тече огласот за апликации за претседателски кандидати. Јанушев вели огласот ќе трае до 31-ви јануари, а потоа ќе следи конвенција на 16-ти февруари во Струга на која ќе се избере кандидат за претседателските избори.

Според информациите од партиите, евентуалните предвремени избори доколку се одржат напролет би биле на 5-ти мај заедно со вториот круг од претседателските избори.

Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери веќе најави дека претседателските избори ќе ги распише најдоцна до осми февруари.  А, доколку  сите партии донесат одлука да се оди на предвремени парламентарни избори тие би биле распишани во периодот меѓу 5-ти и 20-ти март, по што би се формирала и техничка влада според пржинскиот модел, но со скратен мандат.