Заев и СДСМ в недела одлучуваат што по недобивањето датум

143

На седница на Централниот одбор на СДСМ, којашто е закажана да се одржи во Охрид в недела, се очекува да „падне“ одлука како да се продолжи по се поизвесната одлука на Европскиот совет да не и додели датум за преговори на Македонија на состанокот следната недела.

Како што самиот Заев изјавуваше во изминатите неколку денови во владејачките структури се разгледуваат неколку опции. Која од нив ќе биде активирана најверојатно ќе се знае по 21-ви јуни.

Предвремени парламентарни избори

Доколку Македонија не добие датум за преговори ниту гаранции дека тоа може да се случи најдоцна оваа есен Заев најави распишување на предвремени парламентарни избори. Сепак, во партиските кругови опцијата избори да се одржат годинава ја сметаат за малку веројатно. На „Бихаќка“ калкулираат со избори во март догодина кога земјава веќе би била членка на НАТО.

Нов мандатар

Враќање на мандатот и предлог за нов премиер. Заев на маса го става и ова сценарио. Во кулоарите веќе се споменува името на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски како наследник на сегашниот премиер доколку тој одлучи да се повлече од премиерската фотелја.

Нова влада повторно предводена од Заев

Според политичките аналитичари оваа можност се чини најверојатна. Очекувањата се дека Заев до крајот на јуни би го вратил мандатот, но повторно би добил поддршка од партијата и парламентарното мнозинство да формира нов владин кабинет. Неофицијални информации говорат и дека во рамки на ова сценарио Заев предвидува и драстично намалување на министерските места од 26 на 16, како и официјален предлог за државата како една изборна единица, за што веќе се води дебата во јавноста.

Само владина реконструкција

Пополнување на испразнетите министерски фотелји и размена на ресори меѓу СДСМ и ДУИ се потфатите што ги предвидува оваа опција. Но, според аналитичарите одбирајќи ја оваа можност Заев ќе потфрли во обидот да ги задоволи барањата на јавноста за темелни и коренити кадровски промени во владејачката структура.

Освен за иднината на владата в недела во Охрид се очекуваат одлуки и за именувања на нови потпретседатели на СДСМ, кои беа разрешени пред три недели. Членовите на највисокото партиско раководство ќе бираат и нов Извршен одбор, како нови кадри за останатите испразнети високи партиски функции.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.