Заев и Спасовски ја злоупотребија вонредната состојба за да протнат закони со кои си овозможија повеќе минути за реклами по телевизиите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес обвини дека Зоран Заев и Оливер Спасовски ја злоупотребија вонредната состојба за да протнат закони со кои си овозможија повеќе минути за реклами по телевизиите.

Тој одговарајќи на новинарско прашање во врска со последниот извештај на Агенцијата за медиуми за драстично зголемената минутажа на власта во медиумите, одговори:

„И во текот на вчерашната прес конференција јас кажав дека ова што се случуваше на овие избори ќе ги чини граѓаните една милијарда евра, бидејќи толку е пораснат долгот за едно тромесечие. Тоа не е онака бенигна работа па да седиме и да велиме еве го сега овој плаче затоа што освоил 10.000 гласа помалку од коалицијата СДСМ-БЕСА. Не е тоа мојата цел. Ние мора да научиме да биде подобро општество и да бидеме подобри луѓе, затоа што следните избори уште помала ќе биде поддршката од страна на граѓаните кон политичките елити. Покрај оваа една милијарда евра, покрај сето она со кое се соочуваше ВМРО-ДПМНЕ, незаконски блокиран имот, неисплатено финансирање на политичките партии, се соочи и со измена на изборниот закон на 22 јуни во 23:55 часот кога практично се ограничи медиумското презентирање на опозицијата на медиумите, на сметка на тоа се зголеми двојно медиумското презентирање на партиите од власт, во случајот СДСМ и ДУИ.

И токму заради тие причини ние денес имаме за повеќе од 45 часови помалку за презентирање  на медиумите споредено со СДСМ, и повеќе од 30 и неколку часови помало медиумско презентирање споредено со ДУИ. Затоа што се промени изборниот законик како никогаш до сега, со уредба со сила на закон, а тоа беше овозможено од страна на Претседателот Пендаровски  преку продолжување на вонредната состојба со изговор дека ја продолжува вонредната состојба поради здравствени и економски потреби, а тоа од страна на владата на Спасовски беше злоупотребено за брутална измена на изборниот законик и интервенција во медиумското презентирање на политичките партии, што на ден пред почеток на кампањата, нас, споредено со владејачкото мнозинство не стави во подредена положба. Токму поради тоа ние денес во Извештајот на Агенцијата за аудио визуелни услуги имаме извештај  во кој што ВМРО-ДПМНЕ има нешто повеќе од 70 часа, СДСМ има близу 130 часа политичко платено презентирање. Затоа што се смени изборниот законик. Се интервенираше најбрутално. И затоа велам на најпримитивен начин беа организирани овие предвремени парламентарни избори, некој тоа може сега да го нарече дека  плачам,  некој може да го нарече дека доцнам со вистината, но единствена причина зошто тоа не го зборувавме тогаш за време на кампањата беше да не наштетиме на процесот, да не наштетиме на евроинтеграциите на нашата држава. Тоа би било суштината, да не и наштетиме на Македонија , да не им наштетиме на македонските граѓани. Но денес кога сето ова е позади нас, и постојат неодговорени прашања како вашето, добро е да го дадеме одговорот на тоа прашање. И ова ниту е дека ние нешто се жалиме, ние стоички ќе го поднесеме сето ова но јавноста заслужува да ја знае вистината“.