Заев и Спасовски се главните виновници за бегството на Мијалков

52

Во вечерашното издание на дебатната емисија „Што не е јасно“ гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски кој се осврна на лошите владини политики, криминалните афери, како и околу актуелните случувања во врска со бегањето на Сашо Мијалков.

Арсовски потенцираше дека СДСМ е неспособно, бидејќи дозволија по втор пат да им се случи бегство, но овојпат, според него, ова бегство изгледа на добро монтирано и во соработка со СДСМ, бидејќи во текот на денешниот ден нема никаква реакција ниту од СДСМ, ниту од Владата.

Граѓаните бараат одговорност од Владата во однос на овој настан, рече Арсовски, бидејќи според него, доколку земјата се води согласно практиката што ја демонстрираат премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тогаш фактите говорат дека македонските граѓани немаат никаква безбедност, односно дека во земјата секој може да влезе и излезе кога сака, независно дали постојат некакви процеси против него.

„Министерството за внатрешни работи во овој случај се покажа како тотално нефункционално и непрофесионално. Независно од тоа дали Спасовски постапува по некоја насока на неговиот претседател Заев, сепак ваквиот чин претставува пример за тоа како функционира држава во која владее хибриден режим. Зоран Заев ќе ја користи оваа прилика да расчисти со своите функционери и сметам дека со овој случај се пушта низ вода Спасовски“, рече Арсовски.

Констатираше дека по ваквите случувања, неминовна е оставката на Заев и Спасовски, бидејќи тие се директно одговорни за ова бегство на Мијалков.

„Иако најверојатно прават нови сценарија и ништо не е случајно, сепак за ваков несериозен пристап кон работите, мора да следува одговорност. Зоран Заев бил во потесна соработка со многу соработници и актери во овој случај и за тоа мора јавно да даде објаснување, а потоа да поднесе оставка. Оваа владина гарнитура нема тежина и истата ќе сноси огромни последици. Ваквите моменти укажуваат на фактот дека земјата ја водат криминалци, рекетари и корумпирани политичари и истите ќе мора да сносат одговорност и да си заминат од функциите, а потоа да одговараат“, заклучи Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.