Заев и Владата дале дозвола за бугарски универзитет кој е на 3.765 место во светот на Шангајската листа

Премиерот Зоран Заев вели дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново ги исполнувал сите законски услови да добие акредитација во земјава. Отворањето негова филијала во земјава, смета премиерот е поткрепа на пријателството, на добрососедството и соработката.

– Кога некоја високообразовна институција од Бугарја бара да отвори овде универзитет, а ги исполнува условите, а ние го спречиме тоа и покрај исполнувањето на условите тогаш не сме пријатели – рече премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од Заев побара одговор врз која основа е дадено решение и одобрување за овој универзитет и забележа дека тој нема да придонесе за поквалитетно образование на младите, поради тоа што, како што истакна, е на 3.765 место на Шангајската листа на најдобрите универзитети во светот.

Според Заев, ова се регулира и со членот 24 од Законот за високо образование и врз основа на одобрение од Владата по претходно мислење на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. 

– Кога ви аплицира институција согласно законите во нашата земја и притоа ги исполнува условите во Законот и во прилог дава заинтересирани идни студенти коишто пријавиле интерес да го аргументирам тоа дека е така. Вие не можете да донесете одлука да видите дали е од прво рангираната или од шестилјадитата рангирана институција по Шангајската листа. Овде не пишува по Шангајската листа како да се водиме ние во законите. Ако некој ги исполнува законските услови треба да постапиме позитивно -рече премиерот Заев.

Законот, додаде Заев, е јасен и наставата таму треба да биде на некој од признатите јазици – англискиот, италијанскиот, германскиот, францускиот или македонскиот јазик.

Тој вели дека нема да има недоразбирања заради сличното име со Универзитетот „Свети Кирил Методиј“ од Скопје.

– Во самите дипломи има јасно кој тоа универзитет дал диплома. Се знае дека е „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново кој има овде отворено високообразовна институција, е различен од нашиот македонски универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје кој што ги издава дипломите – рече Заев одговарајќи на прашање на пратеничката Силјановска Давкова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.