Заев: Индустриската зона „Новине“ поради лесната комуникација е атрактивна за инвеститорите

Индустриска зона „Новине“ ќе биде предмет на интерес на голем број  домашни и странски инвеститори, бидејќи овозможува брза и лесна комуникација со партнерите и пазарот од регионот со потенцијал од 20 милиони потрошувачи, рече премиерот Зоран Заев при посетата на зоната заедно со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

„Индустриска зона ‘Новине’  зафаќа површина од 65 хектари се наоѓа на исклучително атрактивна локација,  до автопатот E-75 „Пријателство“, на пет километри до границата со Србија. Таа има 51 градежна парцела со различна големина, урбанистички е уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта“, рече  Заев.

Премиерот заедно со градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, направи увид на  изградбата на инфраструктурата во зоната.

„Ја користам оваа прилика да ве уверам дека Владата и натаму останува посветена на поддршка на проектите кои носат потенцијал за развој на општините и за отворање на нови перспективи за бизнис заедницата“, рече Заев.
За инфраструктурно уредување на зоната владата  инвестира  24 милиони денари. Поставена е атмосферска канализациона мрежа од 1 километар, а во план е и асфалтирање на површина од 2.210 метри квадратни, со претходно поставени 10 сливници.
Димитриевски, пак , рече дека општина куманово ќе продолжи да инвестира во зоната.
„Во план преку јавно наддавање да дадеме парцелите, а парите кои ќе се добијат од продажбата на слободните парцели да ги реинвестираме во оваа индустриска зона, со цел да се овозможи и на домашните стопанственици а потоа и на странските инвеститори да инвестираат во сегментот на лесна и незагадувачка индустрија“, рече  Димитриевски.