Заев: Институциите ќе ги штитат опозициските пратеници кои гласаа ЗА

Институциите постапуваат според законот. Обезбедена е гаранција за пратениците од опозицијата, за нивните семејства, брзо да реагираат на секоја закана, рече премиерот Зоран Заев по информациите дека пратениците од опозицијата кои гласаа „за“ се на удар од нивните сопартијци.

Заев посебно им честираше на сите пратеници кои гласаа „за“, на како што рече „храбрите пратеници кои гласаа „за“ и ги ставија интересите на државата над партиските интереси, и покрај непотребниот политички притисок од страна на нивното партиско раководство“.

Граѓаните треба да се горди што имаат вакво Собрание кое со двотретинско мнозинство одлучи Македоија да пристапи кон двете најмоќни организации, рече Заев, додавајќи дека пристапувањето во НАТО ќе продолжи со зголемен интензитет следната година.

Во однос на пратениците кои се обвинети во судските процеси, Заев рече дека судските инстанци ќе продолжат со процесите и дека нема намера да се меша во работата на судот.

За мене сите пратеници се невини додека не се докаже спротивното, рече Заев.

Тој кажа дека денеска биле остварени разговори со пратениците од кои тие биле загрозени на 27 април, посочувајќи дека се разговарало во мирна атмосфера како што и била целта и наведе „си подадовме рака“.

Тој во овој контекст рече дека кога зборувал за помирување, мислел тој процес да се постигне преку работните групи во Собранието, за ЕУ и НАТО, затоа што, како што рече, тоа се целите кои не обединуваат.

Во однос на предложувањето на амандамните, Заев рече дека Собранието им дало рок од 15 дена за подготовка на нацрт амандманите и најави дека ќе ги пишуваат заедно со опозицијата и тука ќе бидат земени предвид и барањата и условите што ги поднесеоа група пратеници од опозицијата кои гласаа „за“, непосредно пред самото гласање.

Редно е да се изгради единство и да се обединиме, посочи Заев.

На прашањето дали имаше пратеници кои се согласија, а не гласаа „за“, премиерот одговори „да, имаше“.