Заев: Избравме европски претседател на државата

50

Добивме европски претседател на државата, заедно да одиме напред со Стево Пендаровски кој е наш, ваш, претседател на сите граѓани, изјави во неделата вечерта претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, откако во партискиот штаб ја прогласија изборната победа во претседателските избори

Заев притоа оцени дека избори биле успешни, фер и демократски.

„Продолжуваме заедно и одговорно напред. Патот е потврден и поплочен со успех. Република Северна Македонија продолжува напред. Ова е наша заедничка победа на зрелоста на дело. Победа на концептот заедно напред, на граѓаните и на републиката. Имаме европска земја, горда, со јасни европски определби. Имавме достоинствена кампања. Беспрекорно чисти два изборни круга. Покажавме дека сме подготвени за Европа. Никој повеќе не може да застане на патот на прогресот и перспективите“, изјави Заев.

Истакна дека СДСМ победи и на локалните избори, за градоначалници на Охрид и Ново Село.

„Исходот од денешните избори е потврда дека донесовме одговорна одлука. Нашето место е во НАТО и во ЕУ. Точка. Нема веќе режим. Никогаш повеќе. Мицкоски е поразен. Поразени се и политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, политики на конфликти, страв. Остануваме посветени на нашите приоритети. Почнуваме преговори со ЕУ. Наскоро и членство во НАТО. Слабостите ќе ги отстраниме. Сите фунцкционери треба да бидат во служба на граѓаните. Ставаме крај на поделбите. Ќе покажеме како се постигнуваат и економските рекорди. Во учебниците ќе се учи за оваа граѓанска зрелост. Еве го резултатот на обединувањето и заедништвото. Избравме европски претседател на државата – Стево Пендаровски ќе биде достоинствен претставник на граѓаните. Продолжуваме на патот на прогресот и перспективите. Биди праведен и правичен, критичен, со слух за потребите и интересите на граѓаните. Донесовме исправна одлука и продолжуваме“, рече Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.