Заев извиси за Нобеловата награда, сега што ќе менува за ЕУ или што ќе и даде на Франција за амин на преговорите

Денеска беше соопштено дека премиерот на Етиопија Абиј Ахмед ја доби годинашната Нобелова награда за мир, а тоа значи дека потписниците на Преспанкиот договор Зоран Заев и Алексис Ципрас извисија, кои, исто така, беа номинирани.

Имаше очекувања кои беа подгревани од провладините медиуми дека токму Заев и Ципрас ќе ја добијат Нобеловата награда за мир за потпишувањето на историскиот договор со  кој се реши деценискиот конфликт меѓу Македонија и Грција, односно Македонија си го промени името.

По ова прашање Заев на 6 јуни даде интервју за белгискиот весник „Ле Соар“, насловено „Заев: Зелено светло или оставка“, при што ги повика земјите членки на ЕУ да преземат одговорност и да испорачаат датум за преговори со Северна Македонија.

„Кажав дека ако го смениме името, ако одржуваме добри односи со Грција, со Бугарија, дека ако се прават сите реформи, Европа ќе си ги исполни ветувањата. Ако тоа не биде случај, нормално е да се преземе одговорност, нема да чекам опозицијата или Собранието да направи нешто, ќе преземам одговорност и ќе го вратам мојот мандат“, рече тогаш Заев во интервјуто за „Ле Соар“.

Запрашан дали верува дека навистина би можел да добие Нобелова награда за мир заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас откако беа предложени по усвојувањето на Преспанскиот договор, Заев исткана дека датумот за преговори му бил поважен.

„Би заменил и две Нобелови награди за таа одлука на Европскиот Совет, за мене е огромна чест што сум номиниран, ние сме мала земја, но нашата награда е потврдата на нашата работа, и единствената потврда која значи во овој момент е одлуката на Европскиот Совет. Тоа е најдобрата награда. Ако добијам Нобелова, ќе му ја дадам на Европскиот Совет“, рекол низ шега Зоран Заев.

Очигледно Нобеловиот комитет сметаше дека 43-годишниот Ахмед, кој лани дојде на премиерската функција, имал поголем придонес за светсиот мир отколку Заев и Ципрас, затоа што неговите напори да се воспостави мир и меѓународна соработка помеѓу Етиопија и Еритреја вроди со плод и беше ставен крај на долгогодишниот граничен конфликт.

„Кога лани во април дојде на премиерската фунцкија, Ахмед јасно изрази желба дека сака да ги продолжи мировните разговори со Еритреја. Важен чекор беше неговата волја да ја прифати арбитражната одлука на меѓународната гранична комисија од 2002 година“, соопшти Нобеловиот комитет.

Мировниот договор беше потшишан лани, по речиси 20-годишен ќороскак, што уследи по граничната војна која траеше од 1998 до 2000.

Оваа година имаше 301 кандидат за Нобелова награда за мир, вклучувајќи ги и Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои беа номинирани за потпишувањето на Преспанскиот договор.

Како што рече Заев „би дал и две Нобелови награди за членство во ЕУ“, но не знаеме што треба да дадеме на Франција, која очигледно се испречува пред почнувањето на преговорите, ако веќе ги дадовме името и дел од историјата на нашите соседи. Народната поговорка „баба дала две банки да се фати на орото, а пет да се отпушти“ како да го прогонува премиерот Заев.