Заев ја одложи „метлата“, ќе „расчистува“ од јуни

Неколку министри, заменици министри и директори се наоѓаат на првичниот список за заминување што го подготви премиерот Зоран Заев во пресрет на најавената владина реконструкција и смени на високи раководни позиции во државните и јавни претпријатија.

Заев најавува дека овие смени ќе се случат до крајот на овој месец. Во следните неколку денови ќе се сретне со владиниот коалиционен партнер, Али Ахмети. Консултации ќе има и со блиските соработници, но и со помалите коалиционери.

„ Се уште сме во фаза на размислување, го имам концептот.  Главните критериуми ќе бидат ароганцијата, неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, сите аспекти ќе бидат согледани и верувам дека ќе направиме вистински решенија, кои ќе бидат сериозен акцелератор за посилно динамизирање на работите во нашата земја, затоа што граѓаните сега очекуваат и конкретни резултати после сите овие крупни политички одлуки и по завршувањето на претседателските избори“, вели премиерот Заев.

Заев вели критериумите според којшто одлучува за тоа кој ќе си замине од фотелјата се пораките испратени од граѓаните, но и укажувањата на Државната комисија за спречување корупција.

„Антикорупциската комисија беше јасна и гласна, тоа потврдува дека имаме систем, а тоа е најголемата вредност. Системот би бил систем ако постапуваме по него. Каде има влијание на одредни функционери и со тоа обесправиле граѓани во рамноправноста или во компетативноста за вработување ќе следува одговорност. Дел од критериумите за промените кои треба да се случат се и укажувањата од Антикорупциска“, појасни премиерот Заев.

И меѓу министрите забележливо исчекувањето на премиерските одлуки. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски чии име во јавноста се споменува како дел од најавената реконструкција вели не очекува да го снајде таква судбина.

„Искрено не очекувам. Меѓутоа  ќе ја почитувам секоја одлука на премиерот  врз база на неговите анализи што ги прави за мојата работа“, вели Сугаревски прашан дали очекува да биде сменет од министерското место.

Ќе се тресе и „Бихачка“

Заев најавува промени и во партиските редови. По смените во министерските и директорските позиции најавува дека ќе се сконцентрира и на „проветрувања“ во партиската централа.

Османи: Уште денеска ќе го договориме состанокот меѓу Заев и Ахмети

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели средбата меѓу премиерот и Ахмети ќе биде договорена уште денеска.

Османи сепак смета дека оваа тема тема не треба да биде доминантна во политичкиот дискурс, бидејќи, како што рече, таа е помалку важна отколку суштинските теми, а тоа е реализација на програмата на Владата и големите чекори во поглед на интеграциите.

„Но, тоа е интересот на јавноста и ние сме должни да одговориме на тој интерес. Денеска премиерот се враќа и уште денеска ќе го договориме состанокот меѓу двајцата лидери, за да можат да разговараат по однос на рефокусот на Владата кон темите што ќе бидат актуелни во периодот што доаѓа“, истакна Османи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.