Заев купува време за Законот за јазици!?

Владата побарала одложување на конечното мислење на Венецијанската комисија во врска со Законот за употреба на јазиците, потврди денеска премиерот Зоран Заев.

Според него, ова одложување на конечниот извештај, кој што требаше да биде објавен за една недела, е да се обезбеди време да се анализираат забелешките кои Комисијата ги изнесе во нацрт верзијата и соодветно да се одговори на нив.

„ Владата тоа го побара заради времето потребно да ги изанализираме нивните аргументации и да ги дадеме нашите ставови и рековме ќе го чекаме конечното мислење. Ние информиравме дека драфт верзијата е доставена до нас, ни треба време да ги видиме анализите, затоа што Венецијанската комисија своите ставови ги поткрепува со аргументации, европски правила и норми и европска пракса, но исто така го анализира нашиот систем што може капацитетно да носи. Така што мерењето на добивањето на правда наспроти правото на употреба на јазикот, ако го загрози она првото тогаш прашање е дали им треба на граѓаните, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата“, вели Заев.

Конечната верзија на забелешките на Комисијата, по барањето за одложување, се очекува да биде објавен кон крајот на годинава.

Но, имајќи ги предвид изјавите дадени од двете страни во владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, причината за ваквото барање на Владата е многу повеќе од време за подготовка на одговор.

Артан Груби, кој е најблизок соработник на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изминативе два дена е во речиси директен вербален судир до Заев токму поради мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици.

Груби порача дека Законот, каков што е, обезбедува мир во меѓуетничките односи и токму таа цена е ненадоместлива. Во суштина Груби порача дека забелешките на Комисијата треба да бидат игнорирани и Законот треба да се имплементира онака како што е донесен.

Заев, пак од друга страна е под притисок на јавноста бидејќи вети дека сите забелешки на Венецијанската комисија ќе бидат внесени во законот.Нацрт забелешките на Комисијата се дека Законот ги надминува европските стандарди во однос на малцинските јазици, а доколку одредбите за двојазични судења се закана за функционирањето на судскиот систем и би можеле да го колабираат.