Заев купувал правда со државни пари!?

Стотици илјади евра во бонуси и додатоци земале обвинителите, но и останатите вработените во Специјалното јавно обвинителство. Високите суми кои се исплаќале без правилник и од „ракав“, утврдувани лично од екс обвинителката Катица Јанева фрла сомнеж врз целата работа на Специјалното обвинителство. Јавноста се прашува дали СЈО единствено се искористило за притисок и за потребите на актуелната власт.

Вакво прашање му беше поставено и на премиерот Зоран Заев денеска во Собранието од страна на пратеникот Крсто Јовановски од СДСМ.

„Слушаме како Катица Јанева зела 160 илјади евра за заштита на тајноста на податоците. Се прашувам, колку години им треба на луѓето во Тинекс и Веро да ги заработат тие пари, колку години им треба на актерите да дојдат до овие пари. Тие пари се незаконски земени од оваа држава и овој народ. Премиере Заев, дали сте размислувале за оваа состојба. Дали имате намера да поразговарате на оваа тема, дали сте среќни со ваквото СЈО. Дали до изборите, вие нема да направите притисок врз судиите и обвинителите кои останаа“, истакна Јовановски.

Но, премиерот Заев застана во одбрана на Јанева и СЈО. Вели дека нема да дозволи нарушување на дигнитетот на институциите и според него за парите што се земале не треба да се прави голема драма.

„Исплаќања од 1000 евра,  од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата,  пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири годни се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик. До ден денес нема пресуди затоа што заробеното сваровски судство е останато какво што е со огромни исклучоци на чесни судии. Истото тоа се случува и во ЈО.И од тука да влечете заклучоци дека злоупотребите во изборите не постоеја, тоа е монтирано,креирано, лепено“, појаснуваше од говорницата Заев.

Според податоците кои станаа достапни преку платформата „Отворени финансии“ за четири години обвинителите на чело со Јанева, но и останатите вработени во СЈО за четири години покрај редовните плати земале и бонус во вкупна вредност од над еден милион евра. Парите се исплаќале како додатоци за доверливост односно да не ги изнесуваат во јавност информациите кои ги слушале во т.н. „бомби“.