Заев лично му дал на долгогодишен закуп Анѓушев државно земјиште за хидроцентрала

Премиерот Зоран Заев лично му потпишал на неговиот вицепремиер за економски прашања и сопартиец Кочо Анѓушев согласност за давање под долготраен закуп  градежно земјиште за изградба на хидроцентрала, обвинија во понеделникот од опзициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Додека Кочо Анѓушев се закануваше со тужби за клевети кон мене деновиве, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, и во Собранието Заев одеше против волјата на граѓаните, на 9-ти октомври премиерот му потпишал на Кочо Анѓушев согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште за изградба на хидроцентрала.

„Заев по пат на непосредна спогодба, на Друштвото за производство, трговија и услуги „МХЕ ТОПОЛКИ ДОО“ Скопје, каде што еден од сопствениците е Кочо Анѓушев преку фирмата ‘Фероинвест’, а неговиот брат Тодор Анѓушев е управител, му доделил градежно земјиште во вкупна површина од 7.105 квдратни мерки во катастарската општина Дреново за изградба на хидроцентралата ‘Тополка’. Одлуката е излезена во службен весник на 15-ти октомври. Дали станува збор за нов скандал каде што Владата во која што Кочо Анѓушев е втор човек му доделува во непосредна постапка согласност за изградба на хидроцентралата на истиот тој втор човек Кочо Анѓушев? Дали станува збор за нов случај на судир на интереси каде што Владата во која што Кочо Анѓушев е вицепремиер му доделува земјиште за хидроцентрала исто така нему?“, прашу Арсовски.

Додаде дека станува збор за „најкласичен“ случај на судир на интереси во владата предводена од СДСМ.

„Кочо Анѓушев преку медиумите ја уверуваше јавноста дека неговите фирми нема да учествуваат и да добиваат бенефити од институциите на кои самиот им е претпоставен како вицепремиер. Но, очигледно на Кочо Анѓушев поважен му е личниот интерес и интересот на неговиот бизнис. Предупредувавме од самото негово назначување дека Анѓушев ќе работи единствено за неговиот личен интерес, а не за интересот на граѓаните. Практично оваа Влада работи лично за нивниот интерес и нивниот бизнис, а граѓаните ги оставаат на цедило. Но, почитувани граѓани, ќе дојде ден кога судството и институциите ќе бидат независни и нема да бидат под контрола на Заев и СДСМ, сите функционери на оваа Влада кои го прекршиле и огрешиле пред законот ќе одговараат. На крајот Република Македонија и граѓаните ќе победат“, истакна Арсовски.