Заев: Македонија е определена за интензивна регионална соработка

Постои политичка посветеност за интензивирање на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и продлабочување на економската соработка, е пораката на премиерите на државите од Западен Балкан од неформалниот самит што се одржува во Драч, меѓу кои е макдонскиот премиер Зоран Заев.

„Заедничкиот настап на економски план на државите од регионот пред Европа ќе значи создавање поголем пазар и поголем интерес за инвестирање во нашите држави, а со тоа и нови инвестиции и нови работни места на нашите граѓани“, рече премиерот Заев на собирот во Драч.

Заев ја пренесе определбата на Република Македонија за интензивна регионална соработка што ќе го олесни движењето на стоки и луѓе и ќе придонесе за развој на нови идеи и проекти што би можеле да бидат привлечни за инвеститорите од Европа.

„Регионот е насочен кон мир и заедничка иднина во евро-атлантските интеграции. Има позитивна клима за соработка и ова ќе придонесе кон напредок на државите во евро-атлантските интеграции“, рече Заев.

Еднодневната неформална редба во Драч е посветена на регионалната соработка и Акцискиот план за Регионална економска зона, договорен во јули на Самитот во Трст, и на неа присуствуваат премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и претседавачот со Претседателството на БИХ, како и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и заменик претседателот на Светска банка, Кирил Милер и регионални претставници на Светска банка.

Еврокомесарот Хан ја поздрави соработката меѓу државите од регионот и пренесе очекување за конкретизирање на активностите за реализација на Акцискиот план што се однесува на олеснување на економската соработка меѓу државите согласно Акцискиот план од Трст.

Заменик претседателот на Светска банка, Милер, изрази поддршка на напорите на земјите од Западен Балкан за зајакнување на економската соработка, според европските стандарди, што ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во државите.

Неформалниот самит во Драч се одвива во неколку сесии посветени на олеснувања на движењето на луѓе и стоки, транспортна ефикасност и предвидливост, во трговијата, инвестициите и дигиталната економија, како и кон идни проекти што водат кон регионална интеграција на Западен Балкан во ЕУ.