Заев-Мишел: Северна Македонија направи силен прогрес во реформите дома и во остварувањето на ЕУ стандардите

Премиерот Зоран Заев, како дел од своите активности, оствари средба со премиерот на Белгија, и иден Претседател на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Двајцата премиери, како што соопшти владината прес-служба, низ разговорот на средбата потврдија дека Северна Македонија во последните две години направи исклучителен прогрес во остварувањето на реформските процеси дома, како и во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ, преку одличната соработка со европските институции.

На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, премиерот Заев го запозна белгискиот премиер Мишел за актуелните активности на Владата поврзани со очекувањата на Европскиот Совет во октомври, Северна Македонија да го добие датумот за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Белгискиот премиер Мишел ги поздрави досегашните успеси на Северна Македонија во процесот на остварување на европските интеграции и изрази надеж дека иницијативноста во таа насока ќе продолжи и во наредната фаза на преговори.