Заев мора да замине! Утре блокади во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид!

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  вечерва на протест пред Владата побара оставка од премиерот Зоран Заев  по неговите ставови во интервјуто за бугарската БГНЕС во однос на историјата и за утре најави протести со блокади во неколку градови.

-Ставот на Заев не е став на Македонија. Нема право да го урива наследството и придобивките оставени наследени од нашите претходници и предци. Совршено е јасно дека Заев не може да испорача  ништо добро за својата држава и мора да си оди. Затоа бараме итна и неотповиклива оставка од Заев. Ги повикувам сите да излезат на улиците, а утре со целосно почитување на мерките препорачани поради корона кризата ќе организираме блокади во слободарско Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид. И нема назад, порача Мицкоски.

Има работи, наведе, што се свети и не се предмет на пазарење за секој со нормален ум и разум. Сега е време кога треба да ја кренеме главата и да кажеме доста е, време е Македонците повторно да се борат и изборат за своите правдини, наведе Мицкоски.

Мицкоски повика на обединување, директно им се обрати на членовите и симпатизерите на СДСМ да се спротивстават на ставовите на Заев, а побара да му се придружат и десничарите кои имаат забелешки до ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка, но не пријателство на свиткана кичма. Пријателство подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебно и да си помагаме. Ниту Бугарите имаат фајде од тоа ако не понижат, а особено боли кога како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија кога понижувањето доаѓа од родот свој. Барам Заев под итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарски медиум, за навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои, рече Мицкоски.