Заев му ја отстапи владејачката палка на Ахмети, само за да опстане на власт

Премиерот Зоран Заев своевремено го отфрли предлогот од челникот на опозицијата Христијан Мицкоски – откако владејачката СДСМ доби закани за истапување од владата и од поддршката на и онака тенкото парламентарното мнозинство на најголемата албанска партија ДУИ – пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да го анулира недостигот од тие гласови, aко се откаже од контроверзниот закон за јазиците.

Но, покрај тоа што споменатиот закон шефот на државата Ѓорѓе Иванов го врати и огромен дел од експертската јавност го оцени како противуставен, ваквиот потег на Заев покажува дека всушност се наоѓа во заложништво на дадените ветувања и единствено што му преостана е бранењето на неопходноста на законот да го препушти на Али Ахмети.

Недвојбен е впечатокот дека објавувањето во Службен весник на Законот за јазиците, со кој практично албанскиот јазик станува вториот службен во земјата, а што експертската јавност неподелено го оцени како флагрантно кршење на Уставот оти е објавен без потребниот потпис на шефот на државата, е термински планиран како обид да го затскрие историскиот потег без преседан на Заев со преименувањето на Република Македонија.

Токму затоа лидерот на СДСМ во обидот да се дефокусира јавноста која неговото согласување да ја преименува земјата што таа го оценува во најголем дел како велепредавство, влетува безглаво во уште една дубиоза со ставањето, незаконски, во функција на Законот за јазиците. Затоа што со тоа се прави уште еден чекор кон конечното редифинирање на државата, според прифатените од Заев барања во т.н. Тиранска платформа. Токму Тиранската платформа беше впрочем и услов за добивањето поддршка од албаските партии да стане премиер, иако беше поразен на изборите. А, експертите од своја страна предупредуваат дека токму овој Закон создава паралелен јазичен систем во Македонија со што се губи кохезивниот фактор на македонскиот јазик.

Поточно, сега со јазикот стануваат двојазични униформи на полицајците, пожарникарите, лекарите и медицинскиoт персонал како и двојазични судски процеси. Законска обрска станува и двојазичноста на македонскиот денар, па и банкнотите и кованиците ќе добијат албански етнички симболи. Законот за употреба на јазиците предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, која ќе биде финансирана од државниот буџет. Предвидено е и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Но, прашањето што се наметнува во моментов е зошто Заев сега му ја дава диригентската палка на Ахмети, наместо да ги собере ловориките по носењето на двата закона за коишто ги убедува Македонците дека ги отвораат нивните евроатлантски перспективи? Особено што постојано ја истакнува големата популарност што СДСМ ја ужива меѓу албанските избирачи.

Од една страна станува збор за избегнување на Заев на повторуваните повици од директното соочување со опозицискиот лидер Мицкоски, што во прв план секако ќе ги исфрли македонските национални и државни интереси. А, последните анкети покажуваат дека предноста на Заев и СДСМ рапидно се топи, особено меѓу Македонците. Од друга страна, пак, јасна е тенденцијата ВМРО-ДПМНЕ да биде уште еднаш денунцирана како антиалбанска партија, односно да се оневозможи по секоја цена коалицирање со некој политички субјект на македонските Албанци.

И таа задача очигледно му е доверена на ДУИ, кои пак имаат голема потреба од враќање на загубаната доверба кај албанските гласачи. Така, Заев ги пренесува токму преку Артан Груби своите замисли, како и што минатата година Груби во Атина во недефинирана мисија посочи дека не бил најголем проблем името на Македонија, туку преостанатиот дел од договорот кој се однесувал на идентитетот, јазикот, националноста, употребата и преводот.

Од другата страна, пак, ваквата стратегија на Заев укажува дека јасно му ја предава водечката улога на Ахмети во албанскиот дел од електоратот. Тоа ќе му биде потребно за СДСМ да го избегна дебаклот на претстојните претседателски избори и одговор на барањето за т.н. консензуален кандидат за шеф на државата, кој би бил прифатлив и за ДУИ.

Без разлика каква ќе биде натаму кохезијата меѓу Заев и Ахмети, очигледно е дека и двајцата имаат намера по секоја цена да ги повратат своите загубени позиции кај гласачите. Притоа, она што претставува најголема опасност за македонското општество какво што досега функционираше, е вообичаената „кооперативност“ на социјалдемократите во настојувањата да ги зачуваат позициите на власта. Како и во постконфликтната 2002 година, поточно, ќе прават отстапки на штета на унитарноста на земјата во поглед на барањата на албанските партии, кои потоа ќе се толкуваат како стекнати права и притоа на секој обид да се исправат состојбите ќе биде проследен со закана за дестабилизација.

А, граѓаните дадоа поддршка за ветените европски реформи и подобар животен стандард, а не за постизборна платформа изработена во и за интерес на туѓа држава, чиешто остварување од договорената коалиција всушност ќе го заземе целиот мандат на штета на придобивките за сите граѓани во земјата. На тоа беше предупредувано уште на самиот почеток на политичката криза, и особено по медиумските истапи во предизборната кампања на сегашниот премиер во Тирана, Приштина, Швајцарија – дека со тоа освен што им поставува репери на албанските партии да се натпреваруваат во радикалноста на нивните барања, ги исцртува контурите на онашто е вистинската цел – редефинирање на земјата, иако во земјата не е направен вистински попис на населението речиси три децении, кој би ја отсликал и реалната состојба на населението во Македонија. А, што е едно од клучните прашања, како за планирање на економијата, така и за поставување на нештата на реални основи, во однос на меѓуетничките релации во општеството.

Кога станува збор за т.н. Тиранска платформа којашто СДСМ ја прифатиле да ја реализираат во Македонија, таа не е напишана од ДУИ, како што сакајќи да ги омекне ставовите и повторни да се покаже како првак меѓу македонските Албанци тврдеше Али Ахмети, туку е директно дело на владата на Албанија, а тоа го докажа сега веќе разбиеното Движење БЕСА коешто своевремено во писмо до албанскиот премиер Еди Рама се жалеше дека „интегративците“ го присвоиле „неговиот документ“ директно откривајќи пред македонските граѓани дека СДСМ и ДУИ ќе ја редефинираат Македонија, и тоа по надворешна замисла.