Заев на средба со Ветингтон од ИРИ: Процесот на интеграција и реформи продолжува уште позасилено, а САД и натаму остануваат врвен стратешки сојузник

Повеќе клучни теми на домашен и меѓународен план, процесот на интеграции во ЕУ и НАТО, транспарентноста на институциите и реформскиот процес беа теми на разговор на денешната средба на претседателот на СДСМ Зоран Заев со членот на Бордот на директори на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) Олин Ветингтон.

Заев му се заблагодари на поддршката што ИРИ, но и САД континуирано ја даваат на Република Северна Македонија во градењето на силни демократски капацитети.

– Од независноста па до сега, САД како стратешки партнер низ различни инструменти и начини дава силна поддршка во демократизацијата и развојот на македонското општество.  Со својот ангажман ИРИ позитивно влијае на подигнувањето и зајакнувањето на демократските капацитети во Северна Македонија. Во изминатите две и пол години, нашето општество, нашите институции се менуваат на подобро. За тоа имаме и меѓународно признание во Извештајот на Европската комисија која нотира напредок во реформите во судството, безбедносниот систем и јавната администрација, порача Заев.

Осврнувајќи се на меѓународните односи, Заев потенцира дека државата сега е цврсто поставена на интеграцискиот пат, повеќе нема отворени прашања со ниту еден од соседите, членството во НАТО е извесно а очекуван е и брз почеток на преговорите со ЕУ.

Во однос на предвремените избори, Заев порача дека на нив граѓаните ќе потврдат дека се за напредокот и интеграциите да продолжат уште позасилено и ќе застанат зад концептот на соработка, развој и интеграција што го нуди СДСМ.

Членот на Бордот на директори на ИРИ, Ветингтон на Заев му честиташе за досега постигнатите успеси, додавајќи дека ИРИ останува посветен пријател, поддржувач и партнер на Република Северна Македонија особено во делот на доброто владеење, унапредување на транспарентноста и развој на институциите.