Заев наспроти сите рокови, бара избори 20 дена по вонредна состојба

Наспроти ставовите на Државната изборна комисија, Венецијанската комисија и дел од правните и политички експерти во земјава лидерот на СДСМ, Зоран Заев бара предвремените изборите само 20 дена по завршувањето на вонредната состојба.

Заев во интервју за Алсат М, средината на јуни е идеално време за предвремени парламентарни избори. Во зависност од пандемијата, според него, политичките лидери треба да разговараат за датумот на изборите, но наведе дека избори треба да се одржат пред земјата да се соочи со втора здравствена криза. Заев вели дека изборите не се приоритет, но оти Владата и функционален Парламент се потребни за да се справуваат со кризата. Но, лидерот на СДСМ вели дека не се оди на избори без консензус.

За разлика од него, во опозицијата се повоздржани околу тоа кога треба да се одржат изборите. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека партијата со свој став околу можниот датум за нови избори ќе излезе по лидерската средба кај Пендаровски закажана за во вторник. Но, сепак Мицкоски смета дека при градењето став кога да се одржат изборите пред се’ треба да се има предвид здравјето на граѓаните и не смее да се ризикува нагло зголемување на бројот на заболени.

„Ова се времиња кога хипотезите и претпоставките треба да ги оставиме малку понастрана, треба да коментираме факти и во таа насока би сакал да кажам дека кога и да се случат парламентарни избори или кога и да се случат, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, но ние сме го повториле тоа во неколку наврати, а тоа е дека во моментов тоа не е во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, здравјето на граѓаните е најважно. Да видиме какви ќе бидат проценките од советот за безбедност, да видиме каков ќе биде ставот на претседателот Пендаровски, па потоа можеме да излеземе со коментар на самата лидерска средба која ќе се случи веќе во вторник“, вели Мицкоски.

Тој апелира и до членовите на Комисијата за заразни болести кои утре ќе ги разгледуваат последните податоци и текот на епидемијата во земјава со цел да донесат одлука дали има простор за олабавување на превентивните мерки да се водат од интересот на граѓаните и да не потпаѓаат под политички влијание во одлучувањето.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски во изминатиот денови изјави дека ќе биде потребни околу 50-тина дена за да се спроведе целиот изборен процес по кој што ќе има изборни резултати со неоспоред легитимитет.Додека Венецијанската комисија има став дека по завршување на вонредна состојба неопходни се 60 дена за да се организираат фер и демократски избори.