Заев не е против Албанец претседател: Ќе биде избран кога сите граѓани ќе бидат подготвени да гласаат за него

Премиерот Зоран Заев вели дека сака да го дочека моментот кога за претседател на државата ќе биде избран Албанец и дека тој нема ништо против тоа, но како што вели за да се случи тоа сите граѓани треба да бидат подготвени да гласаат за него, оти претседател се избира на непосредни избори, а не со партиски и политички договори. Заев оваа изјава ја даде одговарајќи на новинарско прашање за тврдењата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека следно што ќе исполни оваа партија ќе биде избор на Албанец за претседател на државата.

„Тој момент ќе сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, јас, а и сите ние. Тоа ќе значи афирмација на личност, на граѓанин пред сè и како граѓанин без разлика на својата етничка определба да помине кај граѓаните кого најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите кои што живеат во нашата земја би го гласале за претседател, истакна Заев на прес-конференција во Владата.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа на предизборен митинг во Чаир рече дека по заминувањето на актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, ќе има претседател Албанец.

На минатогодишните парламентарни избори ДУИ настапуваше со идејата за премиер Албанец, но нивниот кандидат Насер Зибери не беше избран, по што тие формираа влада со СДСМ, а Зибери беше избран за Народен правобранител.