Заев не одговори: Зошто здружение основано од него добило 4 милиони денари од Општина Струмица?

Претседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, молчи по објавување на информацијата дека организација формирана лично од него, црпи пари од општинската струмичка каса, пишува Курир.

Станува збор за здружението “Младински Совет“, кое е формирано во март 2008 година и кое добило 4 милиони денари годишно од страна на општина Струмица.

Курир побара одговор од Заев за овој случај, но тој не одговори на нашето прашање, а потоа ниту на телефонскиот позив. Ова не е единствениот случај за кој струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ молчи за прашањата за кои е повикан да одговори.

Општина Струмица и Зоран Заев во 2011 година, според “Програмата за поддршка на локалниот економски развој“ префлиле сума од 4.000.000 денари општински пари на име “трансфер до детски парламент/младински совет“. Според информациите кои Курир веќе ги објави, станува збор за здружението на граѓани “Младински Совет“, а симптоматично е тоа што општина Струмица доделува огромна сума на пари на здружение кое е формирано од страна на градоначалникот .

Меѓу потписниците на одлуката за основање на здружението Младински Совет се Заев, Тони Милушев (актуелен претседател на Секторот за Локален економски развој (ЛЕР) во Струмица и Зоран Узунов (актуелен советник за образование во Кабинетот на Заев).

Во периодот кога е изгласана програмата за поддршка на локалниот економски развој 2011 година и се префрлени парите, претседател на ЛЕР бил Зоран Ѓоргиев, сега актуелен директор на ЈПКД Комуналец, кое во последниот период е актуелно поради тешката финансиска ситуација во која се наоѓа поради што доцнат и платите за работниците.

Од 2011 година Петар Божинов “про форма“ е претседател на Младинскиот Совет, функција која официјално не постои. Божинов сега е актуелен Советник во Општина Струмица од редовите на “Сојузот на иднината“.

Зоран Заев наместо да го искаже својот став околу овој случај во кој организација формирана од негова страна добила 4 милиони денари годишно од Општина Струмица, со која раководи токму Заев, лидерот на СДСМ се одлучи да молчи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.