Заев не поднесува оставка, бара предвремени избори, што е можно побргу

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, на прес конференција најави дека утре, на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, ќе побара одржување на предвремени парламентарни избори, најбрзо што може. Зависно од нивното размислување и став, допрва ќе се презицира тајнмингот за нивно одржување.

– Во Брисел ни беше направена голема неправда. Испорачавме реформи, ги решивме проблемите со соседите, но, недобивањето датум за преговори е нивна историска грешка, тоа го потврдија сите европски лидери. Направивме сѐ што требаше и сѐ што можевме. Ние сме жртви на историската грешка на ЕУ. Јас сум разочаран и лут и знам дека цел народ така се чувствува. За мене ова неисполнето ветување е исклучително лошо. Ја преземам одговорноста и затоа предлагам организирани, брзи предвремени избори, најбрзо што може. И токму ова ќе биде мојот предлог на утрешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски“,  рече Заев.
Дополни дека ова однесување на Унијата е сериозна работа, но тоа е нивна одлука поради нејзини нерешени внатрешни работи и воедно им се заблагодари на огромното мнозинство европски лидери кои се залагаа за донесување позитивна одлука за старт на преговорите.

„Испорачавме реформи, ги решивме проблемите со соседите, и не добивме датум. Затоа сум многу лут и разочаран и знам дека цел народ така се чувствува. Во Брисел ги молев, буквално ги молев, да не ги гаснат ѕвездите на европската Унија. Да не бидат пречка, туку да бидат херои. Ние не треба да се откажуваме од пријателите, и мислам дека тоа што се случи е внатрешно прашање на Франција. Сите земји имаат обврска да градат пријателство, посебно земји мали како нашата. Верувам дека Франција ќе го надмине тоа прашање, исто како и ЕУ. Вчера ми се јавија речиси сите премиери и канцелари да ме охрабрат да останеме на патот, а преку мене, и вас“, рече Заев.

Во врска со информацијата дека размислува да поднесе оставка од функцијата, а која вчера беше објавена во дел од медиумите, Заев појасни дека сите опции му биле во глава и дека оставил денот да помине, па да донесе одлуката за предвремени избори што денес ја соопшти.
„Јас сум Зоран Заев и можам да бидам премиер, пратеник, градоначалник… но сум човек и сите опции беа во мојата глава. Го почувствував гневот и горчината и тоа како секој човек ме води кон секакви размислувања. Но, си реков дека немам право да се откажам да се борам. Не сме сјајни, имаме грешки , но немаме друг пат. Сѐ друго е ќорсоскак. Какви мисли и да поминаа низ мојата глава, оставив да помине денот, се консултирав и донесов одлука”, објасни тој.