Заев не сака да ја прифати оставката на Филипче

Се чини дека јавноста попусто очекуваше дека во владејачките кругови, барем во делот на СДСМ, ќе профункционира чувството на одговорност и чесност по катастрофалнаа трагедија во тетовската ковид-болница, бидејќи сѐ уште е неизвесно дали оставката која дури по три дена ја поднесе министерот за здравство Венко Филипче е само фарса.

Додека Али Ахмети многу јасно ја сфати пораката од граѓаните по несреќата во Тетово, особено пред откомвриските локални избори, кога заедно со премиерот Зоран Заев беа исвиркани при посетата на местото на трагедијата, па кадрите на ДУИ си поднесоа неотповикливи оставки од должностите, според сѐ судејќи лидерот на социјалдемократите повеќе од мислењето на граѓаните го интересира да ги заштити по секоја цена своите кадри од доверба.

Да потсетиме, во петокот неотповиклива оставка од функцијата заменик на министерот за здравство Илир Хасани, иако самиот според должноста и нема некаква улога во организациските активности во секторот. Неговиот пример го следеа и двајцата директори на тетовската болница, Флорим Бесими и Артан Етеми, кои „поднесоа“ оставки од морални причини. А, притоа се шпекулира дека во ДУИ поради истата причина ќе следат и други разрешувања, барем од партиски функции.

Наспроти тоа, министерот за здравство Венко Филипче од помпезно најавената прес-конференција само ја информираше јавноста дека „понудил“, а не „поднел“, оставка од функцијата до премиерот Заев. И бидејќи сѐ уште нема реакција на Заев, сѐ уште е неизвесно дали Филипче ќе замине и се отвора прашањето дали не станува збор за уште еден непрокопсан потег на министеровиот и премиеровиот Пи-Ар тим.

Како што посочуваат извори од СДСМ за НетПрес, Заев сѐ уште е во недоумица за каков потег да се реши, но очигледно е дека кај него претежнувало мислењето дека треба да ја одбие понудената оставка на Филипче. Како доказ дека премиерот не е на ниет да се раздели барем во Владата од министерот за здравство, се посочуваат пораките коишто во саботата се објавуваат преку социјалните мрежи со поддршка за Филипче.

Како што објави претходно во саботата порталот Република, во партиското седиште на „Бихаќка“ е издадена директива да се одбрани потпретседателот на СДСМ од оставката. Станува збор за провиден обид да се создаде илузија во јавноста дека ете, граѓаните, се многу задоволни од работата на Филипче и не ја прифаќаат неговата оставка.

Од друга страна, и од пропагандните материјали кои самиот Заев ги ширеше преку социјалните мрежи многу јасно е дека Филипче се промовираше како негов најблизок соработник и во Владата и во СДСМ, па оттаму и е колебањето околу ќорсокакот во кој влетаа со ипмровизацијата на „понудената оставка“. Но како и да е, Заев би требало во секој случај да претрпи политички штети – доколку ја прифати оставката до своите функционери ќе испрати порака дека во секоја кризна ситуација по него ќе почне да ги пушта „низ вода“. Од друга страна, пак, одбивањето од каква и да е причина Филипче да ја напушти министерската позиција ќе биде уште еден во низата удари врз веќе силно нарушениот рејтинг на СДСМ.