Заев: Не знаеме веќе што треба да решаваме со Бугарија

Бугарија ја прошири листата на проблеми кои ги има со Македонија, вметнувајќи ги на неа како последни и македонските граѓани со бугарски државјанства. Бугарското министерство за надворшени работи соопшти дека ниедна бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе, без појаснување што конкретно мисли под тоа, по што во саботата премиерот Зоран Заев коментираше дека веќе не знае кои се прболемите што треба да се решава со Софија.

„Не знаеме веќе кој е проблемот кој треба да го решаваме со Бугарија е коментарот на  премиерот Зоран Заев на новата порака која стигна од Софија дека бугарската позиција по прашањето на Македонија нема да се промени бидејќи таа не смее да ги предаде бугарските државјани во Македонија.

„Ако е тоа решението ќе ги прашаме и македонските граѓани со бугарски пасоши. ние сме пријатели. Навистина испратив порака дека треба да го решаваме проблемот, којшто не знам кој е проблемот. Претседател сум на оваа влада, почнаа од долгото – краткото име – дефиниравме дека и краткото име е исто што и долгото име ‘Република Северна Македонија’. Нема никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија. Пренесовме доверба комплетна нивната авионска ескадрила да го чува македонското небо. Како поинаку да кажеме дека имаме доверба во нашите соседи“, изјави Заев.

Рекацијата на Заев следеше откако бугарското министерство за надворешни работи најави дека ќе преземе во идните шест месеци за да се најде решение за Македонија и се повика на над 88.000 македонски граѓани со бугарски пасоши.

„Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се смени. оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и 84 отсто јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според министерството за правда, 88.450 граѓани на Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, посочи бугарската дипломатија.

Заев ги наброи мерки и отстапки кои ги прави Македонија за да се увери Бугарија во добрите намери на земјава, како сузбивање на говорот на омразата, повторно декларирање на немешање во внатрешните работи и малцинските права во други земји, но и бришење на натписот „бугарскиот фашистички окупатор“ од спомениците.

„Верувам дека треба да продолжиме со Бугарија, да правиме напори, како што ме охрабрија неколку земји во ЕУ. Зборувам како Зоран Заев, предводник на нашето македонско општество со сето тоа што го направив во изминатиот период, одржувајќи европски лекции овде, од душата и срцето на балканскиот полуостров. среќен сум што се уште останало европско во европската унија преку овие чекори што се преземаа последните неколку денови“, рече Заев.

Но на оптимизмот на Заев дека европската иднина на земјава ќе биде помогната од Европската унија, вклучително и од соседот Бугарија, од Софија стаса уште една не толку охрабрувачка порака за намерите на Бугарија.

Нарекувајќи ја земјава „браќата во Северна Македонија“ бугарскиот претседател Румен Радев порача дека Македонија треба да разбере оти патот кон ЕУ не ѝ поминува преку лобирањето во европските центри за притисок врз Бугарија, туку дека патот кон ЕУ на Македонија минува преку Софија.