Заев: Нема да има предвремени избори, Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Собранието

Премиерот Зоран Заев, во интервју за МИА, вели дека нема да има предвремени избори и нема да има неосновано изнудување на оставка на Владата.

-Владата е стабилна, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот – вели Заев.

Говорејќи за можност за предвремени парламентарни избори, кои ги бара опозицијата, по бугарското вето, но и за работата на Парламентот во ситуација, кога и власта и опозицијата излегуваат со тврдења дека го зголемуваат бројот на пратениците, Заев нагласува дека е почнат процесот на европеизација на земјава и спроведување на реформска агенда до конечно членство во ЕУ. Додава дека тоа е стратешка цел Владата, одобрена од мнозинството граѓани на последните избори.

Во врска со последната анкета на МЦМС, во која разликата меѓу поддршката за СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е во рамки на статистичка грешка, 18,6 проценти од испитаниците се изјасниле за владејачката, а 18,1 процент за опозициската партија, Заев вели дека полето за политички натпревар на идеи и концепти е отворено.

Тој потенцира дека граѓаните во неколку различни изборни циклуси покажале по кој пат треба да оди земјата.

-Во Штип на локалните избори нашиот кандидат го зголеми бројот на освоени гласови во споредба со парламентарните, без разлика на бојкотот на ДПМНЕ. Најрелевантна анкета е таа што се спроведува на изборите. Во последните три години на три избори победува политичката понуда на СДСМ и на коалицијата – вели Заев.