Заев очекува масовната имунизација да почне кон крајот на месецов или почетокот на следниот

Премиерот Зоран Заев очекува кон крајот на месецов или почетокот на следниот да започне масовната имунизација во земјава. Кон крајот на месецов, како што денеска изјави, се очекуваат првите количини преку Ковакс системот, а следната недела и вторите дози од руската вакцина „Спутник“ со која се вакцинираат здравствените работници.

На 30-ти овој месец во земјава треба да допатува и кинескиот министер за одбрана кој најверојатно ќе даде и попрецизна информација кога ќе пристигнат кинеските вакцини.

„Она што го знаеме по сите информации е дека на крајот на март ги очекуваме првите количини од Ковакс системот. На 30-ти доаѓа министерот за одбрана на Кина и веруваме дека ќе донесе попрецизна информација кога ќе стигнат и кинеските вакцини. Мислам дека кон почетокот на следната недела ќе стигнат и вторите дози од „Спутник V“ кои се користат за здравствените работници“, изјави Заев по посетата на фабриката „Брако“ во Велес.

Покрај здравствените домови и здравствените установи каде може да се врши имунизација, се подготвуваат и дополнителни објекти со цел побрзо да се спроведе масовната имунизација на населението.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев рече дека очекува солидарност за вакцините пред се, од Европската унија.

„Знам дека комесарот Вархеј прави максимални напори, знам дека легнаа на сметка одредени пари со кои треба да платиме. Тоа се донации, европски пари. Не ги знам деталите,  соодветните министри ќе ги соопштат, но знам дека прават се“, рече Заев.

САД, како што додаде, можеа од 850.00 вакцини, дневно да одвојат 2.000 вакцини или 20.000 за регионот којшто не е во ЕУ, а е кандидат за членство.

„Србија се снајде и со своите позиции – НАТО неутрална, направи чекори порано. Ние сите други направивме чекори подоцна и денес сме во иста ситуација. Но, во сложена и комплицирана ситуација се и САД и земјите членки на ЕУ. Буквално и таму атмосферата е иста додека трае процесот на вакцинација“, подвлече Заев

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.