Заев очекува предлог за разрешување на Пауновски, затоа што им се спротивставувал на него и на Груби

Очекувам од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“, рече Заев.

Тој смета дека тоа што Пауновски си дозволил јавно да дава вакви коментари, понижувајќи ги, како што рече, своите претпоставени, е доволна основа за негово разрешување и очекува службите да отворат постапка.

За разлика од вчера, кога премиерот Заев само ги повика директорите на сите институции, кои треба да ги примат прераспределените административци по Рамковен договор, да го сторат тоа без отпор, денеска тој беше многу подиректен.

Досега неколку институции реагираа дека наложените вработувања, кои им ги испорача Министерството за политички систем, како дел од прераспределбите на вработените по Рамковен договор, не одговараат со потребите и систематизацијата. Најостри реакции имаше од страна на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, кој изјави дека нема да попушти и да го потпише решението за вработување на 35 лица, бидејќи дел од нив не соодветствуваат на барањата и сакале да работат само во одделни градови.

И покрај неколкуте обиди да стапиме во контакт со Пауновски, тој денеска не одговара ниту на повиците ниту на СМС-пораките.

Тој денеска за порталот сдк.мк изјави дека ако премиерот Зоран Заев не го разбира, нема што друго да каже освен дека може слободно да го разреши на наредната владина седница.