Заев од Струга побара шанса да држи „економски лекции“ во регионот

Дајте ни шанса да држиме економски лекции во регионот, нашиот концепт ја гарантира сигурноста на државата и иднината, тврдеше во средата вечерта претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во Изборната единица 4, Зоран Заев на граѓанската трибина во Струга  во организација на  коалицијата „Можеме“.

„Многу работи вечерва не поврзуваат. Широчината на Охридското езеро ја симболизира нашата широкогледост да ги решаваме проблемите и да ги отвориме перспективите. Мостовите на Дрим се како мостовите на пријателство и соработка што ги  изградивме со нашите соседи. Јагулата е вечниот симбол на слободата, а тоа е најголемата придобивка за нашата земја изминативе 2ипол години“, заклучи претседателот Заев.

На граѓанската трибина се зборуваше за новата четиригодишна понуда на СДСМ и коалицијата „Можеме“ со посебен акцент во земјоделството со којашто се планираат 200 милиони евра поддршка за развој на земјоделството и руралниот развој.

„Важно е да ги оформиме институциите. Фактите говорат дека кризата ќе продолжи, а тоа значи дека на државата и на граѓаните им се потребни функционални институции. Функционални институции предводени од СДСМ и коалицијата „Можеме“ се гарант за сигурноста на државата и иднината и затоа граѓаните ќе го дадат својот глас за бројот 3“, рече претседателот Заев и побара од стружани уште еден четиригодишен мандат за да продолжи унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

„Дајте ни шанса да држиме економски лекции не на ВМРО-ДПМНЕ, туку на целиот регион. Оваа наша убава земја, има квалитетна почва, стратешка географска положба, работлив народ, млади образовани луѓе, со сиот овој потенцијал ние може еден ден да создадеме европски стандард на живеење“,  заклучи Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.