Заев оптимист за национален консензус за решавање на спорот со Грција

Премиерот Зоран Заев по седумчасовниот координативниот состанок на државно-политичкиот врв во саботата ноќта на кој се зборуваше за спорот со името, изјави за новинарите дека е оптимист оти може да се најде национален консензус за ова прашање.

„Ова беше информативна средба за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц. Имаме цел да обезбедиме напредок и заштита на националните интереси, а неопходна е вклученост на сите. Решение е можно ако има волја и од грчка страна. Ние ќе продолжиме да преговараме“, рече Заев.

По состанокот со Претседателот Ѓорге Иванов, како и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски односно Али Ахмети, Заев нагласи дека споменатиот процес бара одговорност и дека е неопходна вклученост на сите.

Додаде дека повеќе детали може да го нарушат преговарачкиот процес, како и дека решение е можно доколку има волја и од грчка страна.

„Ние ќе продолжиме да преговараме“, рече Заев и додаде дека мора се внимава да не се наруши преговарачкиот процес.

Премиерот, исто така, најави дека во иднина ќе се формираат работни групи за учебниците.

„Нема да ги коментирам грчките позиции. Јас сум оптимист дека може да се најде национален консензус за овие прашања“, рече Заев.