Заев остана без Нобеловата награда за мир

Нобеловата награда за мир во 2018 година ја добија Денис Муквеге и Надија Мурад, активисти за борба против сексуалното насилство во војна и оружени конфликти. Премиерите на Грција и на Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, кои се вбројуваа како фаворити за наградата заедно со американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот севернокорејски колега Ким Џонг Ун останаа без престижната титула.

Муквеге, гинеколог од Конго, беше номиниран неколкупати, додека младата активистка Надија Мурад, поранешна сексуална робинка на Исламска држава, веќе ја доби наградата Сахаров.

Комисијата рече дека докторот од Конго Денис Муквеге е „најистакнатиот, најобединувачки симбол на национално и на меѓународно ниво за борба против сексуалното насилство во војна и оружен конфликт“.

Мурад, пак, член на Јазиди-заедницата во Ирак, беше заробена од ИСИС и постојано силувана и подложувана на други малтретирања. Комисијата рече дека таа покажала „невообичаена храброст во раскажувањето на сопственото страдање“.

Обајцата ја доведоа својата лична сигурност во ризик со храбрата борба против воените злосторства и обезбедување правда за жртвите. Ако го гледаат ова, искрени честитки, рече Комисијата која годинава добила над 300 номинации за наградата, меќу кои 216 за индивидуалци, а 115 за организации.