Заев: Осудувам секово вид на насилство, во Македонија нема место за изборни нерегуларности

На синоќешниот митинг што се одржа во општина Ѓорче Петров, претседателот на СДМ ги повика граѓаните да се воздржат од било какви активности кои може да го нарушат изборниот процес и порача дека обврска на сите е да овозможиме кристално чисти избори и Македонија да оди напред по демократски пат.

„Ние сме демократска власт. Македонија ќе оди напред само по демократски пат. Во Република Македонија нема место за изборни нерегуларности и манипулации. Осудувам било каков тип на насилство во изборниот процес и повикувам на воздржаност од било каква активност која може да нанесе било каква дамка на изборите. Срушивме режим со пенкало. Во нашата политика нема место за омраза и агресија. Така и ќе продолжиме! Ние сме победници и немаме право, а имаме обврска да блескаат изборите, да има сјај, да имаме чисти кристални избори во оваа наша Македонија оти победуваме!И Македонија тоа го заслужува!

Затоа уште еднаш напомнувам, Владата и надлежните институции ќе имаат пристап на нула толеранција за евентуален обид за прекршување на изборниот процес. Никој да не помисли да си поигрува со волјата на гласачите. Македонија обезбедува слободни и демократски избори каде граѓаните слободно и без притисок го искажуваат своето мислење.

Ние градиме демократско општество за сите во европска и просперитетна Македонија. Таква ја имаме веќе четири месеци, таква ќе остане и таква ќе биде засекогаш “ им порача на граѓаните претседателот Заев од синоќешниот митинг на СДСМ и коалицијата којшто се одржа во општина Ѓорче Петров.