ЗАЕВ ОТВОРИ НОВИ ДИЛЕМИ: Зошто премиерот комуницира со адвокатот на Јанева?

832

Наместо да се извлече по изјавата на пратеникот Антонио Милошоски дека на лидерската средба Заев најавил излегување на Катица Јанева од притворот во Шутка за 10 дена, премиерот повеќе се заплетка и навлече нови прашања. Премиерот сега на јавноста ќе треба да и објасни зошто е во комуникација со авокатот на Јанева, која е третоосомничени во предметот „Рекет“, дали тој е во постојана координација со адвокатите и на останатите осомничени во случајот, Бојан Јовановски и Зоран Милевски.

Во обид да го демантира Милошоски, Заев изјави дека не е точна изјавата на пратеникот и дека тој само пренел дел од разговорот што го имал со адокатката на Јанева, Ирена Фрчковска која го информирала околу активностите што се преземаат за да и’ се обезбедат на осомничената во „Рекет“ олеснителни околности за да побара поблаги мерки од судот додека тече истрагата.

„Строго ги демантирам ваквите лаги и тоа лаги со опашки бидејќи на лидерската средба кога се отвораше дебатата зошто воопшто се преговара кога предметите поминуваат во Јавното обвинителство, мојот коментар беше оти од Ирена Фрчковска сум информиран дека е логично Јанева да бара да ги достави предметите заради одговорност, но веројатно и жената да си бара олеснителни мерки во истрагата заради невлијание на сведоците, невлијание на предметите. И тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски“, изјави Заев коментирајќи ја изјавата на Милошоски од претходниот ден.

На изјавата на Заев, Милошоски одговори со низа прашања кои легитимно заслужуваат одговори во име на јавниот интерес.

„Сега е уште побитно да одговори на неколку прашања. Прво, во кое својство премиер на држава, кој не ни обвинител, ни судија, во екот на најголемиот скандал на правосудството во историјата на Македонија, е во контакт баш со адвокатот на осомничената рекетарката и зошто со неа разговарале за мерките за обезбедување притвор или куќен притвор за Катица Јанева? Второ, од каде доаѓа потребата на адвокатката Ирена Фрчкоска да го извести токму премиерот Заев за тоа кои чекори ќе ги превземе осомничената Катица Јанева? И трето, дали оваа блиска координација на адвокатката и премиерот е во улога на “консилиере” на групата за “Рекет” и кој е тука главниот?“, напиша Милошоски на Фејсбук.

На Јанева пред 20-тина дена и беше одреден 30-дневен притвор поради нејзината инволвираност во криминалните активности кои се истражуваат во предметот „Рекет“. Кривичниот суд за една недела треба да донесе нова одлука, дали Јанева ќе остане во затворот во Шуто Оризари или пак ќе и’ бидат одредени поблаги мерки за нејзино обезбедување во текот на истрагата.

Инаку, опозицијата во изминатиот период изнесе низа сомневања дека целиот криминал во „Рекет“ се спроведувал со знаење и амин на највисоки владини структури.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.